Србија: Во Белград се одржа протест на просветните работници
Синдикатите за образование вчера го одбија предлогот на Владата, барајќи систематски да се решава проблемот со платите, како и другите клучни проблеми и да се почитува претходно потпишаниот протокол
БЕЛГРАД (АА) - Просветните работници организираа штрајк во српските училишта и протест во Белград поради незадоволството од понудата на српската Влада за зголемување на платите, јавува Анадолу.
Просветните работници се собраа во Белград на платото пред српското Собрание, каде што ги презентираа своите барања, по што започнаа протестна прошетка до зградата на Владата на Србија.
Синдикатите за образование вчера го одбија предлогот на Владата, барајќи систематски да се решава проблемот со платите, како и другите клучни проблеми и да се почитува претходно потпишаниот протокол.
„Незадоволни сме затоа што не ни се слуша гласот, затоа што на сите средби со Министерството за образование, високото образование не е на дневен ред. Денес е, затоа што со години сме дискриминирани, јас не сум правник, но Законот за работа вели дека не може оние кои имаат ист степен на образование да земаат помала плата“, рече Марина Миленковиќ, претседателка на Одборот за високо образование на Синдикатот за образование на Србија.
Репрезентативните синдикати не го прифаќаат покачувањето на платите за 11 отсто, бидејќи на минатогодишните преговори добија писмено ветување дека од почетокот на оваа учебна година платите на просветните работници ќе се изедначат со републичкиот просек.
Исто така, најавено е дека сите, со исклучок на вработените во високообразовните институции, до 9 јануари 2025 година ќе добијат еднократна парична помош од 15.000 динари, а од 1 јануари надоместокот за класните раководители дополнително ќе се зголеми за еден процент.
Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, ги повика синдикатите да ја прифатат владината понуда и да се вратат на економскиот и социјалниот дијалог, бидејќи штрајкот не ги носи никаде.
Според неговите зборови, Владата го прифатила аргументот на Синдикатот дека нема да има раздвојување во образовниот систем за платите на сите да бидат повисоки за 11 отсто, дека им била понудена еднократна помош од 15.000 динари до 9 јануари и нивниот предлог класните раководители да добијат уште еден процент.
„Според податоците добиени од училишните администрации, 49,58 отсто од училиштата работат редовно, 32,79 отсто од училиштата работат во изменет режим, додека во 17,63 отсто од училиштата наставата е целосно прекината“, објави денес српското Министерство за образование, додавајќи дека сите предучилишни установи работат со полн капацитет.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.