образование, култура и уметност, Балкан

Старите книги на османлиски јазик, скапоценото богатство на Националната библиотека на Албанија

Во рамки на Националната библиотека на Албанија, основана на 10 јули 1920 година, функционира и ориенталната сала, на која над 60 отсто од книгите се на османлиски или старотурски јазик

Fatjon Cuka  | 14.09.2024 - Обновена : 15.09.2024
Старите книги на османлиски јазик, скапоценото богатство на Националната библиотека на Албанија Фото: Olsi Shehu/AA

ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -

Националната библиотека на Албанија (НБА) е институција која има историја од над 100 години и денес дел од неа се публикации и ретки збирки од различни области кои се од голем интерес за истражувачите и читателите од различни возрасти, пишува Анадолу.

Како прва државна институција во областа на културата, библиотеката е основана на 10 јули 1920 година, а во моментов има над еден милион збирки во својот фонд, вклучувајќи книги, периодични списанија, мапи, атласи, микрофилмови и други материјали.

Дел од Националната библиотека на Албанија е и Центарот „Сотир Колеа“, отворен за јавноста од јули 2023 година со своите стари и ретки книги. Центарот е поделен на неколку сали, како ориенталната сала, англиската, германската, латино-грчката, италијанската, француската, салата на руската класична литература и други простории.

Книгите на овој центар се отворени за јавноста за прв пат по многу децении, бидејќи за време на комунистичкиот режим во Албанија беа запленети и забранети за јавноста и истражувачите поради политиката што ја водеше комунистичкиот режим кон одредени писатели или разни настани.

- Ориенталната сала има 4.526 книги, од кои повеќето се на османлиски јазик -

Одговорното лице на ориенталната сала во Центарот „Сотир Колеа“ во Националната библиотека на Албанија, Хисен Сулејмани, за Анадолу рече дека 60 отсто од книгите во салата се на османлиски или старотурски јазик.

Изданијата од ориенталната сала се од различни области, како што се судството, литературата, историјата, географијата, архитектурата, изданија од воената или религиозната сфера, како и речници и ракописи.

„Ориенталната сала има 4.526 книги или единици, како што ги викаме ние, кои се на неколку јазици. Имаме на османлиски јазик, персиски, на арапски и имаме и на новиот турски јазик. Покрај тоа, имаме и некои посебни книги кои се на англиски и јазикот на блискоисточниот или ориенталниот свет“, нагласува Сулејмани.

Меѓу посебните, објаснува тој, се ракописите и антиквитетите кои може да се направени во Албанија, Истанбул или во други земји, а денес се чуваат како ретки ракописи во Националната библиотека на Албанија.

„Овој фонд бил тука. Овие книги што се тука се запленети или депонирани. Можеби се одземени од верски заедници, лични библиотеки, од различни училишта. Можеби биле и лични книги кои биле подарени. Денес тие се повторно отворени за јавноста и за сите научни истражувачи“, истакна меѓу другото Сулејмани.

- Меѓу најстарите книги Тефсирот на Куранот кој датира од околу 1576 година -

Најстарите книги на центарот припаѓаат на периодот меѓу 16. и 17. век, кои инаку се нарекуваат антиквитети, додека некои стари изданија сè уште се во процес на оценување и верификување на нивната старост, како и во процес на реставрација.

Сулејмани го издвои меѓу најстарите книги на ориенталната сала Тефсирот на Куранот кој датира од околу 1576-та година како стар ракопис подготвен во Истанбул, кој вклучува Стихови од Куранот на арапски јазик и нивни објаснувања на османлиски јазик.

Дел од збирката на центарот се и разни лични или други ракописи, при што Сулејмани издвојува лична џебна тетратка која според него датира од 1821-та година и каде се напишани стари турски песни и речник.

Една од посебните книги на центарот која вреди да се спомне е „Салнаме-и Девлети Алије Османије“, која е облеана во злато и има специјална кожна корица од 1905 година, каде се вклучени резимеа на одлуки и настани во Османлиската држава во таа година.

- Дел од ориенталната сала се и делата на албанските писатели -

Посебно место во збирката публикации на османлиски јазик заземаат и делата на албанските писатели, при што се издвојуваат делата на Сами Фрашери.

Сулејмани објаснува дека во ориенталната сала располагаат со 80 отсто од делата на Сами Фрашери, вклучувајќи ги и првите оригинални изданија: „Го имаме Камус ал алам објавен во 1891 година“, повикувајќи се на енциклопедијата со неколку томови на Сами Фрашери.

Тој, исто така, рече дека во ориенталната сала има списанија напишани од Албанци или писатели кои имаат потекло од регионот, како Мехмет Акиф Ерсој.

Сулејмани истакна дека старите изданија што ги поседува центарот се истакнуваат со тоа што големо значење се давало на калиграфијата и украсувањето на книгите, вклучително и книги облеани со златен слој.

Во рамки на Центарот „Сотир Колеа“ функционира и секторот за реставрација и одржување на книги, каде што се врши реставрација на старите изданија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.