култура и уметност, Балкан

Филмот „Насмеана Грузија“ победи на 7. АЏБ ДОК, а награден е и турскиот филм „Цената на земјата“

- Наградата на програмското жири на Ал Џезира Балкан му припадна на филмот „Цената на земјата“ на авторите Хозе Карлос Соареш, Танжу Шахин и Аслихан Екер Чакмак, филм кој го истражува светот на радикалните израелски доселеници на палестинската земја.

Kemal Zorlak  | 18.09.2024 - Обновена : 20.09.2024
Филмот „Насмеана Грузија“ победи на 7. АЏБ ДОК, а награден е и турскиот филм „Цената на земјата“

САРАЕВО (АА) – Документарниот филм „Насмеана Грузија“ на Лука Берадзе е прогласен за најдобар филм на овогодинешното седмо издание на Фестивалот на документарен филм на Ал Џезира Балкан ( АЏБ ДОК) , известува Анадолу.

Седмиот АЏБ ДОК заврши вечерва со доделување награди и прикажување на филмот „Ал-Шифа болница: Закопани злосторства“ на Обада Албагдади во Босанскиот културен центар (БКЦ) во Сараево, кој и оваа година го привлече вниманието на публиката и љубителите на документарни филмови. Фокусот на филмовите воглавно беше ставен на страдањата на палестинскиот народ.

Во петте фестивалски дена беа прикажани 24 документарни филмови, од вкупно 300 пријавени, во четири програмски селекции - Натпреварувачка програма, АЏБ прикажува, Last Minute Cinema и SmartDoc, од кои девет се светски премиери, 11 се регионални премиери и три продукции од Босна и Херцеговина.

Агенција Анадолу (AA) беше глобален комуникациски партнер на 7. АЏБ ДОК фестивал.

Директорот на АЏБ ДОК Едхем Фочо рече дека е задоволен од тоа како помина целиот фестивал и како публиката продолжува да воодушевува од година во година.

Фочо посебно истакна дека се многу задоволни што годинава во АЏБ ДОК имале гости од Би-Би-Си, Арте, Дојче веле, режисери на документарни програми, истакнувајќи дека имало и претставници на Канскиот филмски фестивал, Берлинале, фестивалот од Јапонија, Санденс од Америка и други.

Меѓу гостите на финалната вечер беше и палестинскиот режисер Рашид Машарави, кој на АЏБ ДОК го претстави својот проект „From Ground Zero“. Станува збор за четири документарни филмови со четворица автори за Газа.

„Ова го направив по проектот кој исто така се нарекува ‘From Ground Zero’. Дваесет и два кратки филма ќе ја претставуваат Палестина на доделувањето на Оскарите. Овие филмови беа во Торонто минатата недела, на Филмски фестивал во Кан и на 80 други филмски фестивали. Сè беше направено за време на војната“, рече Машарави.


- Главната награда за филмот „Насмеана Грузија“

За најдобриот филм на 7. АЏБ ДОК одлучуваше меѓународното жири во состав: Дебора Лондон-Харингтон, режисерка на документарни филмови и раководител на Одделот за управување со продукција во Догвуф, Намик Кабил, филмски режисер и писател, Мила Турајлиќ, режисер на документарни филмови, Франческо Монтанер, режисер на документарни филмови и Миријам Франсоа, новинарка и режисерка на документарни филмови.

Наградата за најдобар филм (Главна награда АЏБ ДОК) ја доби „Насмеана Грузија“ на Лука Берадзе.

Победничкиот филм зборува за тоа која е цената на полувистините што ни ги кажуваат политичарите. Во 2012 година, грузискиот претседател сакал да извлече насмевка од нацијата. Во трката за реизбор, владејачката партија вети субвенционирана стоматолошка заштита за најсиромашните. Низ целата земја, државните стоматолози почнаа да вадат расипани заби, ветувајќи дека ќе ги заменат со нови во наредните месеци, а потоа претседателот ги загуби изборите. Преку интервјуа со луѓето кои се најпогодени од таа кампања, филмот „Насмеана Грузија“ ја раскажува приказната за каприците на политичката моќ и пркосот на оние кои обично најмалку ја имаат. Всушност, протагонистите на овој филм немаат совршена насмевка, но не се плашат да ги покажат забите.

Лука Берадзе за новинарот на Анадолу изјави дека е многу среќен што ја освоил наградата, но признал дека не ја очекувал. „Многу сум му благодарен на жирито и на фестивалот што го наградија мојот филм со главната награда“, рече Берадзе.


- Награда на програмското жири за филмот „Цената на земјата“ во продукција на ТРТ Ворлд

Наградата од жирито на програмата на Ал Џезира Балкан, за која одлучуваа Лејла Дедиќ, Сеад Крешевљаковиќ и Џани Хасечиќ му припадна на филмот „Цената на земјата“ на авторите Хозе Карлос Соареш, Тајжу Шахин и Аслихан Екер Чакмак, во продукција ма TRT World. Станува збор за филм кој го истражува светот на радикалните израелски доселеници на палестинската земја. Авторите на филмот, кои на сцената излегоа во придружба на заменик генералниот директор на ТРТ, Омер Фарук Танриверди, наградата им ја посветија на Палестинците, односно на „Слободна Палестина“.

Филмот „Цената на земјата“, кој е реализиран и покрај забраната за снимање, го истражува светот на радикалните израелски доселеници на палестинската земја. Водени од визијата за „Голем Израел“, тие млади луѓе слепо ги следат своите водачи. Ставајќи го во преден план нападот на селото Дума филмот ја открива стратегијата на Израел за раселување на Палестинците. За време на 22 дена интервјуа, филмот го открива влијанието на водачите на доселениците и последиците врз Палестинците.

„Во 53 минути ја претставивме суровоста на радикалните израелски напаѓачи во Палестина во сета нивна реалност, откривајќи ја израелската окупациска политика која се одржува веќе 75 години. Оваа награда ни значи повеќе од наградата Еми што ја добивме, бидејќи нашата цел беше да ја подигнеме глобалната свест за геноцидот во Палестина со нашиот документарен филм“, рече Танриверди.

Аслихан Екер Чакмак, една од авторите на филмот, рече дека како тим се многу среќни што ја освоиле наградата.

„Многу сме среќни за Палестинците. Ова покажува дека нашата порака е силна и дека допира до светот. Од тој аспект Сараево е многу важно место бидејќи и тука се случи геноцид, а можеби повеќето од она што жителите на Газа го доживуваат во моментов, тука го доживеале жителите на Сараево. И тие поминаа низ тој процес и затоа многу добро го разбраа овој филм, добро ја разбраа пораката. Се надеваме дека филмот ќе стане гласот на Палестинците“, рече Чакмак.

Танжу Шахин, еден од авторите, рече дека светот денес ги затвора очите како што ги затвори во Сребреница пред 30 години.

„Тогаш светот ги затвори очите и истите работи беа пред очите на светот. Тука му покажавме на светот уште едно дело во кое се случувале истите работи и објективот го свртевме кон Палестина. И светот повторно молчи. Наградата ја посветуваме на палестинските деца кои секојдневно се будат од бомбите, на оние кои ги загубија животите на Западниот Брег, а особено и го посветуваме на Ајшенур Езги Ејги, која минатата недела беше убиена од снајперски куршум на израелските војници“, порача Шахин.

Наградата на публиката ќе биде објавена утре, откако ќе бидат изброени гласовите од сите филмови што беа прикажани на овогодинешниот АЏБ ДОК.

По доделувањето на наградата, пред присутните се обрати директорот на Ал Џезира Балканс, Тарик Џоџиќ, кој изрази благодарност до публиката што времето го посветила на гледањето документарни филмови на АЏБ ДОК.

По доделувањето на наградата, беше прикажан филмот „Болница Ал-Шифа: Погребани злосторства“ на Обада Албагдади.

Покрај филмските проекции, во соработка со Медиумскиот институт Ал Џезира од Доха, а во партнерство со УНФПА и Самсунг, се одржа и тренинг сесија за млади автори „Продукција на документарни филмови со паметен телефон“.

Во рамките на АЏБ ДОК, од 13 до 17 септември се одржа и третото издание на Al Jazeera Documentary Industry Days @ AJB DOC, чија цел беше да се зајакне и поддржи ширењето на продукцијата на документарни филмови во светот.

Во текот на трите дена беа претставени вкупно 29 проекти, кои се натпреваруваа за копродукциска награда и паричните награди во износ од над 120.000 евра, кои ги доделија документарниот канал Ал Џезира, Ал Џезира Балканс и други партнери.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.