Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан дискутира за планот за 2025 година
Претставниците потсетија дека КИФ настана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес, со иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел
СКОПЈЕ (АА) - Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), асоцијација која ги обединува шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, денес во Скопје ја одржа 33-тата седница, јавува Анадолу.
Пред почетокот на седницата, прес-конференција одржаа Љуљзим Рафуна, претседателот на Управниот одбор на КИФ, Бранко Азески, домаќин и потпретседател на Управниот одбор на КИФ, како и Ахмет Егрлиќ, член на Управниот одбор на КИФ.
Претставниците потсетија дека КИФ настана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес, со иницијатива на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.
Љуљзим Рафуна, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Косово, истакна дека КИФ е многу важен механизам за земјите од регионот. Тој додаде дека КИФ претставува 375 илјади компании кои вработуваат околу 7 милиони луѓе.
Зборувајќи за 2025 година, Рафуна истакна дека е подготвен нов план со конкретни чекори, вклучувајќи и активности со поддршка на Европската комисија.
„Има две активности што би ги нагласил, тоа се организирање состаноци на нашите бизниси со бизнисите на Европската Унија и второто, промоцијата на Западен Балкан како пријателско опкружување за водење бизнис“, рече Рафуна.
Бранко Азески, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека КИФ прерасна во сериозна институција и зазема сериозно место, со сериозна улога во реализацијата на Планот за раст на земјите од Западен Балкан.
„Денеска на дневен ред е програмата за работа во 2025 година и на база на таа програма ќе ги насочиме нашите активности, кои што се координирани со Европската Унија, посебно со Дирекцијата за добрососедство со којашто имаме одлична соработка“, рече Азески.
Ахмет Егрлиќ, кој истовремено е и претседател на Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, во својата изјава истакна дека економијата на Босна и Херцеговина има исклучителен интерес Западниот Балкан целосно да се интегрира и економиите да немаат никакви бариери.
„Кога се во прашање шесте земји од Западен Балкан, тука најголема трговска размена имаме со Србија. Потоа имаме раст на извозот кон Косово. Со останатите земји, со обѕир на добрите и пријателски односи, немаме адекватна надворешнотрговска размена. Добрата соработка со коморите од Западен Балкан мислам дека ќе повлече поголема надворешнотрговска размена и со останатите земји“, истакна Егрлиќ.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.