образование, живот

Наставничка со оштетен слух ги инспирира учениците со својата решителност

„Моето семејство велеше: ‘Ти си глува, не може да бидеш наставничка.’ Но јас никогаш не се откажав од надежта. Имав голема доверба во себе и за инает на сите успеав, го остварив мојот сон.“

Zehra Ongan  | 22.03.2025 - Обновена : 30.03.2025
Наставничка со оштетен слух ги инспирира учениците со својата решителност Фото: Zehra Ongan/АА

ЕСКИШЕХИР (АА) - ЗЕХРА ОНГАН -

Сабиха Ипек Јеткин од турски Ескишехир, родена со оштетен слух, со образованието добиено благодарение на поддршката од семејството, започна да работи како учителка, што беше нејзин сон, пишува Анадолу.

Родена во Ескишехир во 1995 година, оштетувањето на слухот на Јеткин го забележало нејзиното семејство кога била бебе. Со поддршка од семејството, Јеткин добила обука за говор и слух во Центарот за едукација на децата со оштетен слух на Универзитетот Анадолу (ИЧЕМ).

Јеткин користела слушен апарат до својата втора година. Подоцна таа се стекнала со 52 % способност за слух со операција со кохлеарен имплант извршена во болницата „Дишкапи Јилдирим Бејазит Мевки“ во Анкара. Своето основно образование Јеткин го завршила во Центарот ИЧЕМ.

На барање на нејзиното семејство Јеткин го продолжила средното образование со поединци со оштетен слух, при што матурирала во средното стручно-техничко училиште Гази, отсек графика и фотографија.

Јеткин го завршила своето додипломско образование во Интегрираната школа за лица со посебни потреби при Универзитетот Анадолу, Катедра за графика и фотографија. Потоа посетувала курсеви за јавно образование и се здобила со сертификати за знаковен јазик и работа со компјутер.

Јеткин го остварува својот сон да стане наставничка откако завршува обука за педагогија, по што е назначена за наставник по графика и фотографија во средното стручно и техничко училиште „Хабип Едип Торехан“ во 2023 година.

- „Сфатив дека професијата наставник е тешка“ -

Јеткин за АА изјави дека наставата не е само предавање туку бара и силна комуникација со учениците.

Истакнувајќи дека првенствено сметала дека да се биде наставник е лесна професија, Јеткин вели:

„Подоцна сфатив дека професијата наставник е тешка. Мора постојано да разговарате со вашите ученици, па за подобро решавање на тој проблем развивав решенија комуницирајќи со учениците. За сето тоа е потребно време.“

Таа рече дека нејзините колеги наставници на почетокот биле изненадени, но со текот на времето се навикнале на неа.

„На почетокот велеа: ‘Зар глув учител?’ Беа изненадени, но со текот на времето сите се навикнаа на тоа. Сега многу добро се согласуваме.“

Зборувајќи дека иако нејзиното семејство на почетокот не верувало дека таа може да стане наставничка, Јеткин истакна дека никогаш не ја загубила надежта и додаде:

„Моето семејство велеше: ‘Ти си глува, не може да бидеш наставничка.’ Но јас никогаш не се откажав од надежта. 'Можам да го сторам тоа. Ако не успеам, здравје’, реков. Имав голема доверба во себе и за инает на сите успеав, го остварив мојот сон.“

Истакнувајќи дека со сопствениот успех им дава пример на лицата со оштетен слух дека можат да се занимаваат со секоја професија, Јеткин порача:

„Ако јас успеав да станам наставничка, тогаш и други лица со оштетен слух, исто така, може да станат лекари, пилоти или инженери. Сè е можно доколку не се откажете. Нема пречки пред нас.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.