живот, култура и уметност, Балкан

Кројачот Абдулаху од Скопје ја одржува традицијата на автентичните албански носии

Абдулаху во разговорот за Анадолу вели дека со кројачкиот занает е поврзан уште од 10-годишна возраст, а со оваа професија активно се занимава околу 50 години, притоа трудољубиво создавајќи традиционални албански носии

Abdula Berisha  | 07.12.2024 - Обновена : 09.12.2024
Кројачот Абдулаху од Скопје ја одржува традицијата на автентичните албански носии Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - АБДУЛА БЕРИША -

Шеесет и шестгодишниот кројач од Скопје, Билал Абдулаху, со своите вештини и професија се труди да ја одржи традицијата на автентична албанска носија и да им ја пренесе на идните генерации.

Абдулаху во разговорот за Анадолу вели дека со кројачкиот занает е поврзан уште од 10-годишна возраст, а со оваа професија активно се занимава околу 50 години, притоа трудољубиво создавајќи традиционални албански носии.

Потсетувајќи се на детството, Абдулаху раскажува дека уште од мал татко му го однел да се занимава со овој занает.

„Кога имав 10 години татко ми ме зеде и ме донесе во чаршијата за чирак, кај еден уста (мајстор) Невзат, Турчин, каде што работев 7 години. Од петто одделение до завршување на средното училиште бев кај тој уста“, вели Абдулаху.

По отслужувањето на воениот рок во поранешна Југославија, односно во 1978 година, Абдулаху започнал активно и самостојно да се занимава со кројачкиот занает.

Тој е задоволен од својата работа, нагласувајќи дека со овој занает го одгледал семејството со шест деца.

На почетокот имал работилница и работел на големо, а подоцна отворил и сопствен дуќан во Старата скопска чаршија, наведувајќи дека отсекогаш бил поврзан со чаршијата.

„Продавницата ја поседувам веќе 30 години, но имав работилница во Гази Баба. Имав 15 работници. Оттогаш сум поврзан со чаршијата, а шиев и продавав за Словенија, за Црна Гора, работев на големо“, вели Абдулаху.

- „Преферирам оригинални национални носии“ -

Што се однесува до традиционалните албански носии, тој вели дека „човек што се сака себеси, ги сака и другите“.

Конкретната идеја за шиење на традиционални албански носии дошла откако му било побарано таква облека од ансамблот „Ибе Паликуќа“ и тогашниот директор на ансамблот, Алуш Хамиди.

„Оваа идеја за национални носии дојде кога се отвори 'Ибе Паликуќа' во 1979 година. Дојде Алуш со еден кореограф од Албанија. Сакаа да им подготвам некои народни носии бидејќи тогаш немаше кој да им ги шие“, рече Абдулаху, додавајќи дека дотогаш не работел на албански носии.

Тој раскажа дека потоа имало барања од разни здруженија и личности. Иако има стекнато нови знаења за шиење на традиционалните албански носии, тој претпочитува да остане колку што е можно поблиску до автентичното и оригиналното.

„Преферирам оригинални национални носии. Се обидувам да го направам оригиналот бидејќи така се чува народното. Но сега ги немаме оригиналните материјали како порано. Тоа е приближен материјал“, вели тој, додавајќи:

„Се обидувам да се задржам на оригиналот, но сега некои од овие игроорци, пејачи, сакаат нешто со други елементи. Вака се губи таа вредност. Може да ставиш гајтан, да смениш боја, но тоа не е оригиналното. Кафеавата и белата боја се оригиналите. Белата боја е симбол на чистота. Белата капа е симбол на чистота.“

Шеесет и шестгодишниот кројач вели дека особено се радува кога во дуќанот доаѓаат неговите внуци и им се воодушевуваат на албанските традиционални носии. Иако, како што вели, кројачкиот занает им изгледа тежок, Абдулаху е задоволен што и помладите генерации покажуваат интерес за традиционалните албански носии.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.