Истражување: Арктичкиот Океан може да го доживее својот прв ден „без мраз“ до 2027 година
Дури и при најоптимистичките сценарија, оваа „застрашувачка пресвртница за планетата“ е неизбежна во следните две децении, предупредуваат истражувачите
ИСТАНБУЛ (АА) - Арктичкиот Океан би можел да го доживее својот прв ден „без мраз“ веќе во 2027 година, укажува новото истражување, што сигнализира длабока промена во климата на планетата, јавува Анадолу.
Дури и при најоптимистичките сценарија, оваа „застрашувачка пресвртница за планетата“ е неизбежна во следните две децении, предупредуваат истражувачите во истражувањето објавено во „Нејчр комуникејшнс“.
„Првиот ден без мраз на Арктикот нема драматично да ги промени работите“, вели коавторот Александра Јан, климатолог од Универзитетот во Колорадо, Болдер.
„Но, тоа ќе покаже дека фундаментално сме смениле една од карактеристиките на природната средина во Арктичкиот Океан, а тоа е дека е покриена со морски мраз и снег во текот на целата година, преку емисиите на стакленички гасови“, додаде таа.
Арктичкиот морски мраз, кој се намалува за повеќе од 12 отсто на деценија од почетокот на сателитскиот мониторинг во 1979 година, игра клучна улога во регулирањето на глобалните температури и поддршката на морските екосистеми.
Како што се топи мразот, потемните океански води апсорбираат повеќе сончева светлина - со што се забрзува затоплувањето.
Овој феномен, познат како ефект на албедо, го трансформира Арктикот во регион кој се загрева четири пати побрзо од глобалниот просек.
- „Сакаме да бидеме подготвени“ -
Користејќи 11 климатски модели и 366 симулации, истражувањето проценува дека прагот без мраз може да се помине во рок од три до шест години доколку се појават невообичаено топли услови. Повеќето сценарија го предвидуваат овој настан во 2030-тите, нагласувајќи ја итноста за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Водечката авторка Селин Хеуз, истражувач за климатологија на Универзитетот во Гетеборг во Шведска, ја истакна важноста на подготовката.
„Бидејќи првиот ден без мраз веројатно ќе се случи порано од првиот месец без мраз, сакаме да бидеме подготвени. Исто така е важно да знаеме кои настани би можеле да доведат до топење на целиот морски мраз во Арктичкиот Океан“, рече Хеуз.
Иако наодите се цврсти, истражувачите нагласуваат дека значителното намалување на емисиите на јаглерод може да ја одложи оваа пресвртница и да ги ублажи нејзините пошироки влијанија.
„Секое намалување на емисиите би помогнало да се зачува морскиот мраз“, додаде Јан, нудејќи трошка надеж за Арктикот кој брзо се менува.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.