Матурска возбуда во училиштата на Турската фондација Маариф
- Орхан Куртоглу, советник за образование во Амбасадата на Туркије во Скопје истакна дека давајќи им поддршка на младите, Туркије посакува оваа младина да прави корисни работи прво за сопствената земја, а потоа и за целото човештво.
ТЕТОВО (АА) - Во училиштата на Турската фондација Маариф (ТФМ) владее матурска возбуда, известува Анадолу.
Церемонијата по повод матурирањето на 6. генерација ученици од училиштето во Тетово и на матурирањето на 1. генерација ученици од училиштето во Скопје, се одржа во кампусот училишта на Турската фондација Маариф во Тетово на која присуствуваа претставници на турската Амбасада во Скопје, претставници на турските институции и организации во земјава, претставници на политички партии, пратеници, наставници, ученици и нивните семејства.
Мехмет Баран, претставник на Турската фондација Маариф за Северна Македонија, во својот говор потсети дека како турски училишта Маариф во Северна Македонија ги спроведуваат своите активности како петта најраспространета образовна институција во светот, со застапеност во 67 земји, образовни институции во 53 земји, 53.000 ученици и персонал од над 8.000 лица.
Зборувајќи дека е многу среќен што им предава на учениците во училиштата на Турската фондација Маариф, која поаѓа од идејата да образува и создава добри луѓе низ светот и што денес е нивната матура, Баран истакна:
„Денес би сакал да изразам благодарност до нашите учители и наставници кои деноноќно се жртвуваа за развојот на нашите деца и за да го добијат најдоброто образование, и продолжуваат да го прават тоа.“
Заблагодарувајќи им се на семејствата и учениците, Баран им порача на учениците дека „каде и да одат во светот, насекаде каде што е поставено знамето на Туркије, секоја институција, ТФМ, Институтот „Јунус Емре“, сите турски институции на кои стои логото на ТИКА, ќе ги поддржат и ќе им помогнат на учениците да ги отстранат сите видови пречки“.
Во својот говор, осврнувајќи се на децата во Газа, Баран посочи: „Во моите последни зборови би сакал да кажам дека заедно со матурирањето на нашите деца, и децата од Газа кои од 7 октомври не можеа да одат во школските клупи, матурираа во рајот.“
Орхан Куртоглу, советник за образование во Амбасадата на Туркије во Скопје, рече дека како наставник, најголемо задоволство му причинува присуството на церемониите за матурирање и дипломирање.
Потсетувајќи дека ТФМ е петта најраспространета образовна институција во светот, Куртоглу рече:
„Давајќи им поддршка на овие млади луѓе од различни земји, единствено нешто што Туркије го посакува за младите луѓе кои се подигаат од овие простори е да прават корисни работи прво за сопствената земја, а потоа и за целото човештво.“
Во рамките на церемонијата, на која свои обраќања имаа директорите на училиштата на ТФМ во Скопје и во Тетово, музички концерт одржаа наставниците и учениците од училиштата.
Во рамките на програмата, на којашто беше прикажано видео подготвено од матурантите, беа доделени сертификати за најдобрите ученици од двете училишта, а сите матуранти ги добија и своите свидетелства.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.