политика

Албанскиот министер Хасани: „Моќна и развиена Туркије е клучен фактор за безбедноста“

- Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани се сретна со својот турски колега Хакан Фидан. На заедничка прес-конференција Хасани истакна дека моќна и развиена Туркије е клучен фактор за безбедноста во регионот, Европа и пошироко.

Oktaj Omeragikj  | 27.02.2025 - Обновена : 01.03.2025
Албанскиот министер Хасани: „Моќна и развиена Туркије е клучен фактор за безбедноста“

АНКАРА (АА) - Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, престојува во официјална посета на Туркије. Хасани се сретна со својот турски колега Хакан Фидан, по што одржаа заедничка прес-конференција, на која истакна дека моќна и развиена Туркије е клучен фактор за безбедноста во регионот, Европа и пошироко, известува Анадолу.

Министерот Хасани истакна дека духот на пријателство и долга и плодна соработка ги карактеризира односите меѓу двете земји.

Тој им се заблагодари на Туркије и на претседателот Реџеп Таип Ердоган за помошта и поддршката што ја дадоа за изградбата на џамијата Намазѓа во Тирана, која е скапоцен подарок.

„Една од клучните теми за кои разговаравме беше соработката на економско и трговско поле. Туркије е еден од главните инвеститори во Албанија. Над 15.000 Албанци се вработени во околу 1.000 турски компании кои работат во Албанија. Наше мислење е дека трговската размена меѓу двете земји сè уште не го одразува нашиот целосен потенцијал. Нашата заедничка амбиција е да го зголемиме обемот на трговска размена со Туркије на 2 милијарди долари што е можно поскоро“, посочи Хасани.

Шефот на албанската дипломатија изјави дека Туркије постигнала извонредни трансформации во туризмот и има развиено извонредни капацитети.

„Заедно разговаравме и за динамиката на регионалната соработка. Не можам да не ја споменам високата политичка и дипломатска посветеност на Туркије, особено поддршката дадена за признавањето на Косово на меѓународната сцена и континуираните напори за нејзино членство во меѓународните и регионалните организации“, рече Хасани.

Зборувајќи за руско-украинската војна, Хасани истакна:

„Ја констатиравме потребата од зголемување и зајакнување на нашата билатерална соработка со Туркије, со европските партнери, но и во рамките на НАТО, за подобро соочување со безбедносните предизвици во сите димензии“.

Нагласувајќи дека разговарале и за случувањата на Блискиот Исток, шефот на албанската дипломатија рече: „Албанија го поддржува решението со две држави во крвавиот израелско-палестински конфликт. Го поздравуваме договорот за прекин на огнот“.

Осврнувајќи се на состојбата во повоена Сирија, министерот Хасани рече:

„Ја поздравувам улогата што Туркије ја игра во создавањето трајни простори за дијалог и компромис како средство за постигнување траен мир во Сирија. Моќната и развиена Туркије е клучен фактор за безбедноста во нашиот регион, на европскиот континент и пошироко.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın