Турција, политика

Турскиот претседател Ердоган бара поддршка во напорите за воспоставување мир во Сирија

– „Сакаме мир во Сирија и очекуваме дека секој што се залага за мир ќе го поддржи овој историски апел“, изјави претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган во разговор со новинарите по враќањето од Вашингтон.

Zehra Nur Düz, Dilara Hamit  | 13.07.2024 - Обновена : 16.07.2024
Турскиот претседател Ердоган бара поддршка во напорите за воспоставување мир во Сирија Фото: Претседателство на Туркије / Мурат Четинмухурдар

АНКАРА (АА)

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ја истакна важноста на напорите за воспоставување мир во соседна Сирија, повикувајќи ги сите застапници на мирот да го поддржат овој повик, известува Анадолу.

„Сакаме мир во Сирија и очекуваме сите оние кои се залагаат за мир да го поддржат овој историски апел“, рече Ердоган во разговор со новинарите по враќањето од Вашингтон, каде што оваа недела присуствуваше на Самитот на лидерите на НАТО.

Претседателот Ердоган во разговорот се осврна и на мировните напори на Туркије на подрачјето на Сирија.

„САД и Иран треба да ги поздрават овие позитивни случувања и да го поддржат процесот за ставање крај на огромното страдање. Праведен мир во Сирија најмногу би ѝ користел на Туркије. Најважниот чекор во овој процес е почетокот на нова ера со Сирија“, рече Ердоган.

Тој ја коментираше и можната средба со сирискиот претседател Башар ал Асад, која ја навести претходните денови.

„Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан работи со својот сириски колега во организирањето на средбата, а ние ќе преземеме чекори во согласност со тоа“, рече Ердоган и нагласи:

„Со години се трудиме да го изгаснеме пожарот во соседна Сирија“, рече турскиот претседател во врска со граѓанската војна во Сирија која трае повеќе од една деценија.

„Нашето најголемо очекување е никој да не биде вознемирен од процесот во кој Сирија гради нова иднина како обединета држава со целосен територијален интегритет“, рече турскиот претседател.

Тој предупреди дека терористичките групи ќе направат сѐ што можат за да го „отрујат“ мировниот процес во Сирија.

„Ќе планираат провокации и ќе поставуваат стапици. Свесни сме за сите овие планови, но и ние сме подготвени“, порача претседателот на Туркије.

Минатата недела Ердоган навести нова дипломатска мировна иницијатива со Дамаск, сугерирајќи можна покана до сирискиот претседател Башар ал Асад.


- ПКК, Палестина, Азербејџан и Ерменија

Претседателот Ердоган се осврна и на односите со северен Ирак.

„Нашиот однос кон администрацијата во Сулејманија во северен Ирак нема да се промени сѐ додека не се дистанцираат од терористичката организација ПКК“, посочи Ердоган.

Последниве месеци Туркије се пожали на соработката меѓу Патриотскиот сојуз на Курдистан (ПУК) во Сулејманија и терористичката група ПКК.

Ердоган ја коментираше и разорната војна што Израел ја води во Појасот Газа, која трае веќе девет месеци.

„Оние кои сакаат да застанат на вистинската страна на историјата треба да ја признаат државата Палестина. Тоа се очекува од чесен и фер пристап“, рече турскиот лидер.

Осврнувајќи се на копнената рута во Јужен Кавказ, Ердоган рече дека копнениот пат низ коридорот Зенгезур, кој го поврзува Азербејџан со Автономната република Нахчиван, би бил од корист за сите, особено за Азербејџан, Ерменија и Иран.

Регионот Зенгезур првично беше дел од Азербејџан, иако Советите и го доделиле на Ерменија во 1920-тите години, оставајќи го Азербејџан без директен копнен пат со Нахчиван.

По 44-дневната војна со Ерменија есента 2020 година, Азербејџан се фокусираше на изградба на инфраструктура, вклучувајќи автопати и железничка линија долга 43 километри низ коридорот.

Во врска со продажбата на производи од одбранбената индустрија претседателот Ердоган изрази незадоволство од ограничувањата што ги воведе Германија по тоа прашање, велејќи дека таквите ограничувања меѓу сојузниците на НАТО не ѝ доликуваат на НАТО алијансата.

Ердоган упати критики и кон германската царинска управа поради прекинот на испораката на турбините за нуклеарната централа Акују, која е во изградба во јужниот дел на Туркије.

Осврнувајќи се на процесот на набавка на авиони Ф-16 од САД, Ердоган рече дека министрите и институциите внимателно го следат процесот за да се добијат брзи резултати.

Тој истакна дека приоритет е исполнувањето на барањата на Туркије за авионите Ф-16, додавајќи дека фокусот не треба да биде на финансиските аспекти.

На крајот турскиот претседател најави и можна посета на Кина по Генералното собрание на Обединетите нации (ГСОН) оваа есен, изразувајќи надеж дека кинескиот претседател Си Џинпинг следната година ќе оствари возвратна посета на Туркије.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.