свет

Американската потпретседателка Харис: „Нема да молчам пред страдањата во Газа“

„Јасно ја кажав мојата сериозна загриженост за ужасната хуманитарна ситуација таму, за над два милиона луѓе што се соочуваат со високо ниво на недостиг на храна...“

Diyar Güldoğan  | 26.07.2024 - Обновена : 27.07.2024
Американската потпретседателка Харис: „Нема да молчам пред страдањата во Газа“

ВАШИНГТОН (АА) - Американската потпретседателка Камала Харис вчера изјави дека во разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја истакнала загриженоста за ситуацијата во Појасот Газа за време на нивната средба во Белата куќа, јавува Анадолу.

„Јасно ја кажав мојата сериозна загриженост за ужасната хуманитарна ситуација таму, за над два милиона луѓе што се соочуваат со високо ниво на недостиг на храна и половина милион луѓе што се соочуваат со катастрофални нивоа на акутен недостиг на храната“, изјави Харис за новинарите по состанокот зад затворени врати со Нетанјаху.

Состанокот се одржа еден ден откако Нетанјаху се обрати на заедничката седница на американскиот Конгрес, каде што тврдеше дека војната во Газа има „еден од најнискиот сооднос на жртви борци наспроти неборци во историјата на урбаното војување“.

Харис рече дека тоа што се случувало во Газа во изминатите девет месеци е „погубно“.

„Слики на мртви деца и очајни, гладни луѓе што бегаат да се засолнат, понекогаш раселени втор, трет или четврти пат. Не може да го вртиме погледот од овие трагедии. Не може да дозволиме да бидеме имуни на страдањето. Јас нема да молчам“, додаде таа.

- „Време е да се спроведе овој договор“ -

Претходно Нетанјаху се состана со американскиот претседател Џо Бајден, кој ја заврши својата претседателска кампања за реизбор во неделата и ја поддржа Харис да го замени како демократски претседателски кандидат.

Со своите забелешки Харис покажа голема промена во политиката за Газа, истовремено повикувајќи го Нетанјаху да прекине со огнот во опколената енклава.

„Благодарение на водството на нашиот претседател Џо Бајден на маса има договор за прекин на огнот и договор за заложниците... Само што му реков на премиерот Нетанјаху дека е време да се спроведе овој договор“, додаде таа.

На 31 мај Бајден рече дека Израел претставил трифазен договор со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците што се држат во крајбрежната енклава. Во планот се вклучени прекин на огнот, размена на заложниците и затворениците и обнова на Газа.

„Ајде да го го спроведеме договорот за да може да постигнеме прекин на огнот за да се стави крај на војната. Да ги вратиме заложниците дома и да му го обезбедиме олеснувањето потребно на палестинскиот народ“, рече Харис.

Таа, исто така, истакна дека останува посветена на патот напред што може да доведе до дводржавно решение меѓу Израел и Палестина.

„Знам дека во моментов е тешко да се замисли таа перспектива, но дводржавното решение е единствен пат што гарантира дека Израел ќе остане сигурна еврејска и демократска држава, како и држава што гарантира дека Палестинците конечно ќе можат да ги остварат слободата, безбедноста и просперитетот што со право ги заслужуваат“, додаде таа.

Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.

Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени речиси 39.200 Палестинци, главно жени и деца, а над 90.400 се повредени.

По повеќе од девет месеци од почетокот на израелскиот напад огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да биде нападнат на 6 мај.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.