свет

Египетски извори: Страните вклучени во разговорите за прекин на огнот имаат желба тоа да се постигне

„Првиот ден од преговорите за прекин на огнот траеше повеќе од седум часа, при што сите страни изразија вистинска желба да постигнат договор“

Mohammad Sıo  | 16.08.2024 - Обновена : 16.08.2024
Египетски извори: Страните вклучени во разговорите за прекин на огнот имаат желба тоа да се постигне

КАИРО (АА) – Страните вклучени во последната рунда разговори за прекин на огнот, организирани од Катар, имаат желба да се постигне договор за прекин на огнот во Газа, изјави египетски извор доцна синоќа, објави „Каиро њуз канал“, цитирајќи извор од „високо ниво“, пренесува Анадолу.

Изворот истакна дека „првиот ден од преговорите за Газа имало дискусии за сите нерешени точки и механизми за спроведување на договорот“.

„Првиот ден од преговорите за прекин на огнот траеше повеќе од седум часа, при што сите страни изразија вистинска желба да постигнат договор“, додаде изворот.

Тој рече дека на „вториот ден од преговорите ќе продолжат дискусиите за механизмите за спроведување на договорот“.

Изворот, исто така, нагласи дека „египетската безбедносна делегација за време на преговорите ја потврди посветеноста на Египет за брзо постигнување договор, со цел ставање крај на тековната војна во регионот и обезбедување ослободување на заложниците и затворениците“.

Преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и олеснување на размената на заробеници меѓу Израел и палестинската група Хамас продолжија вчера во Катар.

Израелскиот дневен весник „Хаарец“ објави дека извор, кој е вклучен во преговорите, за весникот изјавил дека преговорите поминале добро и дека се очекува преговорите да продолжат денес и дека се надеваат дека ќе видат напредок во следните 48 часа.

Катар, исто така, објави дека преговорите ќе продолжат денес, нагласувајќи дека посредниците се решени да истраат во своите напори додека не се постигне договор за прекин на огнот.

Изјавата ја даде портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари, а беше објавена од државната катарска новинска агенција, по повод крајот на првиот ден од преговорите.

Во преговорите, посредувани од Катар, Египет и САД, учествуваат високи претставници, меѓу кои и шефовите на американското и египетското разузнавање и израелски претставници предводени од шефот на Мосад, Дејвид Барне.

Меѓутоа, Хамас во средата соопшти дека ќе се вклучи во преговорите за прекин на огнот и размена на заложници доколку Израел јасно се заложи за спроведување на предлогот поддржан од американскиот претседател Џо Бајден.

Во мај Бајден рече дека Израел претставил трифазен договор со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците што се држат во крајбрежната енклава. Во планот е предвидено прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и обнова на Газа.

Комуникацијата со Хамас се одвива преку египетски и катарски посредници што пренесуваат пораки меѓу групата и Израел за време на индиректните преговори.

Хамас инсистира на завршување на војната во Газа, повлекување на израелските сили и враќање на раселените Палестинци во нивните домови како дел од каков било договор за размена на затвореници.

Сепак, врз основа на неодамнешните изјави од Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, треба да се решат четири главни прашања за да се финализира договорот.

Кабинетот на Нетанјаху во вторникот ја нагласи потребата од механизам за спречување вооружени Палестинци да го преминат коридорот Нецарим од Централна Газа на север.

Израелските преговарачи за новинарите изјавија дека условот да се воспостави механизам за проверка на Палестинците го отежнува постигнувањето договор.

Вториот услов на Нетанјаху е Израел да ја задржи контролата врз коридорот Филаделфи (оската Салах ал-Дин) и граничниот премин Рафа меѓу Газа и Египет, кој од мај е под израелска контрола.

Третиот услов се однесува на бројот на израелски заробеници што сѐ уште се живи во Газа, кои би биле разменети за палестински затвореници во израелските затвори.

Израел држи најмалку 9.500 Палестинци во своите затвори, а Хамас тврди дека има околу 115 израелски заробеници во Газа, но, според наводите, повеќе од 70 загинале во израелските воздушни напади.

Предложениот договор ќе вклучува ослободување на ограничен број „живи или мртви“ Израелци, но Нетанјаху инсистира главно да се ослободат живите заробеници и сака Израел однапред да добие список со имиња.

Четвртиот услов е Израел да го задржи правото да одбие ослободување на одредени палестински затвореници што Хамас сака да се ослободат и да ги депортира ослободените затвореници надвор од Палестина - услов што Хамас го отфрла.

Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.

Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади загинаа над 40.000 лица, главно жени и деца, а повредени се повеќе од 92.000.

По повеќе од 10 месеци од почетокот на израелските напади огромни делови на Газа се во урнатини, а постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.