свет

Над 160 милиони деца во светот мораат секојдневно да одат на работа наместо на училиште

Супсахарска Африка, Кина, Индија и Америка се издвојуваат меѓу регионите со најголем број деца работници, со 89,3 милиони деца кои работат, на возраст од 5 до 11 години, и 35,6 милиони на возраст од 12 до 14 години

Ömer Faruk Madanoğlu  | 19.11.2024 - Обновена : 20.11.2024
Над 160 милиони деца во светот мораат секојдневно да одат на работа наместо на училиште

ИСТАНБУЛ (АА) - ОМЕР ФАРУК МАДАНОГЛУ -

Околу 160 милиони деца низ светот се лишени од правото на образование, а наместо на училиште, тие работат долги часови на земјоделско земјиште, во рудници и индустриски погони за многу малку пари и во тешки услови, јавува Анадолу.

Супсахарска Африка, Кина, Индија и Америка се издвојуваат меѓу регионите со најголем број деца работници, со 89,3 милиони деца кои работат, на возраст од 5 до 11 години, и 35,6 милиони на возраст од 12 до 14 години.

По повод 20 Ноември, Светскиот ден на правата на децата, новинарот на АА разговараше со претседателот на Канцеларијата за човекови права и еднаквост на Туркије (ТИХЕК), Мухарем Килич, за децата низ светот кои се лишени од правото на образование.

Килич потсети дека според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), работата ги спречува децата да го живеат своето детство, го намалува нивниот потенцијал и достоинство и негативно влијае на нивниот ментален и физички развој.

„Според последниот извештај, за жал, бројот на деца работници се зголемил за 8,4 милиони, особено во периодот од 2020 до 2024 година, достигнувајќи над 160 милиони во светот. За жал, приближно 28 отсто од децата на возраст од 5 до 11 години и 35 отсто на децата на возраст од 12 до 14 години се исклучени од образовниот процес поради работење и не можат да одат на училиште“, вели Килич.

Килич истакна дека работењето на децата е општествено и морално опасно и штетно и посочи дека принудната работа го уништува детскиот потенцијал и самодовербата.

Наведувајќи дека образовниот живот на децата е нарушен поради тешките услови за работа, Килич рече: „Работењето на децата им оневозможува да одат на училиште, па дури и ги принудува да го напуштат училиштето порано. Детскиот труд е работа што ги заробува децата, ги одвојува од нивните семејства, ги изложува на сериозни болести и ги тера да останат сами во големите градови на рана возраст“.

Тој изјави дека детската работна сила се зголемила со потрошувачките навики кои ги донеле индустриската револуција и капитализмот, и дека работните услови и безбедноста на децата се многу полоши од оние на возрасните.

Наведувајќи дека детскиот труд не може да се припише само на земјите кои ги вработуваат овие деца, Килич нагласи дека удел во детскиот труд имаат и потрошувачите кои знаат каде се произведуваат овие производи, но молчат.

Килич истакна дека големите компании замижуваат пред детскиот труд со цел да ги намалат трошоците за производство и додаде: „Инвестицијата на глобалните компании во регионите каде детскиот труд е вообичаен за да се намалат трошоците, за жал, предизвикува зголемување на овие стапки. Стандардите поставени од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за детскиот труд се игнорираат поради загриженоста за трошоците.

Тој нагласи дека детскиот труд е посериозен проблем во Азија и Африка отколку на другите континенти.

Наведувајќи дека децата најчесто се вработени во земјите каде што правната инфраструктура е слаба и која се нарекува „сива зона“, Килич рече:

„Регионите во кои детскиот труд е најзастапен се главно земји каде владеењето на правото не е ефективно. Човековите права и правата на децата не се доволно развиени во овие земји. Децата се вработени во подземни работилници или во неконтролирани простори лишени од работнички права. Слободно производствените зони создадени во рамките на неолибералните политики, исто така, го поттикнуваат овој проблем. Постојат повеќе од 5.400 специјални економски зони во повеќе од 150 земји низ светот, особено во Кина, Индија и САД и повеќето од овие региони спаѓаат во области каде детскиот труд е интензивен.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.