свет

Најмалку 34 лица се убиени во руски ракетен напад врз украинскиот град Суми

- Нападот врз Суми предизвика остра реакција од европските лидери, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц

Alperen Aktaş, Burç Eruygur  | 14.04.2025 - Обновена : 15.04.2025
Најмалку 34 лица се убиени во руски ракетен напад врз украинскиот град Суми

ИСТАНБУЛ (АА) - Украина соопшти дека најмалку 34 лица се убиени, меѓу кои и две деца, во рускиот ракетен напад врз североисточниот град Суми, кој се наоѓа на околу 31 километар од границата со Русија, јавува Анадолу.

Украинската Државна служба за вонредни ситуации преку Телеграм информираше дека бројот на повредени се искачил на 117, од кои 15 се деца, додека потрагата и спасувачките операции сè уште продолжуваат на местото на нападот.

„На овој свет ден, Цветници, нашата заедница доживеа страшна трагедија. Непријателот изврши ракетен напад врз цивилното население. За жал, веќе е познато дека повеќе од 20 лица се убиени“, изјави претходно на Телеграм вршителот на должноста градоначалник на Суми, Артем Кобзан, споменувајќи го специјалниот ден за христијаните пред Велигден.

Градскиот совет на Суми прогласи тридневна жалост во регионот, почнувајќи од денес.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски, преку две објави на Х, ја повика меѓународната заедница „да не остане ниту нема, ниту рамнодушна“ кон нападите, нагласувајќи дека таквите напади „заслужуваат само осуда“.

Тој повторно ја истакна потребата за зголемен притисок врз Русија, како и обезбедување безбедносни гаранции за Украина.

Тврди дека во отсуство на притисок и доволна поддршка за Украина, Москва ќе продолжи да го одолговлекува конфликтот.

„За жал, во Москва се убедени дека можат да продолжат да убиваат без казна. Потребна е акција за да се смени оваа ситуација“, рече Зеленски.

Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиња, истакна дека Русија веќе втор месец по ред го одбива американскиот предлог за целосен прекин на огнот, додека Киев, како што вели, го прифатил безусловно уште на 11 март.

„Наместо тоа, Русија го засилува својот терор. Ги повикуваме партнерите да обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана и да го зголемат притисокот врз Москва“, напиша Сибиња, додавајќи дека „силата е единствениот јазик што Москва го разбира“.

Украинската воена разузнавачка служба соопшти дека нападот бил извршен со две балистички ракети од типот „Искандер-М“, истрелани од руските региони Вороњеж и Курск.

Руските власти веднаш не го коментираа нападот или тврдењето.


- Европските лидери силно го осудија нападот

Нападот врз Суми предизвика остра реакција од европските лидери, кои изразија солидарност со Украина.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија е „единствениот виновник“ за војната и ја обвини Москва за игнорирање на меѓународното право и „дипломатските напори на претседателот на САД, Доналд Трамп“. Тој повика на силни мерки за наметнување прекин на огнот и ја потврди посветеноста на Франција кон Украина.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека е „згрозен“ од нападот и истакна дека „претседателот Зеленски покажал јасна посветеност на мирот“, и ја повика Русија на „целосен и итен прекин на огнот, без услови“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го опиша нападот како „варварски“ и нагласи дека Русија „останува агресор во бесрамно кршење на меѓународното право“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, изјави дека снимките од Суми се „страшни“ и дека нападот покажува која е вистинската намера на Русија.

„Русија продолжува со својата немилосрдна агресија“, рече Шолц, повикувајќи на сеопфатен прекин на огнот.

Осуда стигна и од Данска, Естонија и Холандија.

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „го покажува вистинското лице на Русија“, додека за претседателот на Естонија Алар Карис нападот е срцепарателен.

Холандскиот премиер Дик Схоф подвлече дека е неопходно да се зајакне противвоздушната одбрана на Украина и „да се зголеми притисокот врз Русија“.

Поранешниот американски советник за национална безбедност Кит Кел рече дека нападот е далеку од пристоен, додавајќи дека како поранешен воен лидер „добро ја разбира целта, а ова е погрешно“.

Тој додаде дека претседателот Трамп „напорно работи за да стави крај на оваа војна“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın