Турција, политика, Балкан

Гаши: Туркије останува важен партнер за модернизацијата и развојот на нашите воени капацитети

- Во својот говор, Гаши истакна дека му претставува задоволство и чест што е домаќин на Куртулмуш и членовиte на неговата делегација.

Abdula Berisha  | 21.12.2024 - Обновена : 21.12.2024
Гаши: Туркије останува важен партнер за модернизацијата и развојот на нашите воени капацитети

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, истакна дека Туркије беше силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и останува важен партнер за модернизацијата и развојот на нашите воени капацитети, јавува Анадолу.

По свечениот пречек и состаноците одржани по повод посетата на претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Нуман Куртулмуш, двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.

Во својот говор, Гаши истакна дека му претставува задоволство и чест што е домаќин на Куртулмуш и членовиte на неговата делегација.

Тој додаде дека „сè уште нѝ се свежи сеќавањата од вашето топло гостопримство, кое го покажавте за време на мојата официјална посета на Република Туркије во октомври оваа година“.

„Затоа оваа посета претставува континуитет на дијалогот и испраќа јасна порака за сериозноста на соработката и одличните односи меѓу нашите земји. Пред сѐ, многу сум среќен што оваа посета се случува на 21 декември, што се совпаѓа со Ден на турската настава. Во оваа прилика, дозволете ми да му го честитам овој значаен празник на мојот колега, на делегацијата и на целиот турски народ, како и посебно да им се заблагодарам на турските граѓани на Северна Македонија за вредниот придонес што го даваат секој ден за напредокот на нашата земја“, рече Гаши.

Тој додаде дека овој момент е можност да се оддаде чест на важноста на турскиот јазик, култура и идентитет, „кои се нераскинлив дел од мозаикот на нашата држава и клучна алка во синџирот на нашето општество“.

Во врска со денешната средба, Гаши рече дека имал конструктивна средба на која биле истакнати долгогодишните и историски односи, создадени врз основа на силното пријателство, кое се карактеризира со соработка на повеќе полиња.

„Се разбира, фокусот на оваа продуктивна средба беше развојот на меѓупарламентарната соработка, која е клучен елемент во зајакнувањето на нашето непоколебливо стратешко партнерство. Интензивирањето на парламентарната соработка, како преку пратеничките групи за пријателство, така и преку заеднички проекти, е од суштинско значење за унапредување на демократијата, стабилноста и мирот во регионот“, истакна Гаши.

Тој додаде дека се разговарало и за можностите за зајакнување на економската соработка, подобрување на инфраструктурните врски и зголемување на инвестициите меѓу двете земји.

„Туркије, покрај тоа што е пријател и сојузник на Северна Македонија, несомнено е и еден од најважните трговски партнери и главен инвеститор кој силно придонесува за развојот на различни сектори, како што се инфраструктурата, земјоделството и индустријата“, рече Гаши.

Тој информираше дека се разговарало и за заедничката посветеност во областа на безбедноста, одбраната и мирот, при што додаде дека соработката во рамките на НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа е уште еден доказ за заложбите за мир и стабилност во регионот и во светот.

„Туркије беше силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во НАТО и останува важен партнер за модернизацијата и развојот на нашите воени капацитети. Оваа меѓусебна поддршка е од суштинско значење за зајакнување на нашата заедничка позиција на меѓународната сцена“, посочи Гаши.

На крај, тој покажа решителност во иднина да се зајакне пријателството и партнерството преку заеднички проекти и иницијативи кои ќе донесат придобивки за двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.