Abdulbesar Ademi
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Осум граѓански организации во Северна Македонија побараа од премиерот итно преиспитување на одговорноста и да го разреши директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), Далибор Китановиќ, пренесува Анадолу.
Барањето се однесува на објавата што Китановиќ јавно ја споделил, во која, како што истакнаа организациите, се прикажуваат и величаат личности поврзани со четничкото движење, меѓу кои Дража Михајловиќ и Ратко Младиќ.
Организациите оценуваат дека објавата не може да се третира само како приватен став бидејќи Китановиќ извршува јавна функција и раководи со институција надлежна за остварување, унапредување и заштита на правата на помалобројните заедници во земјата, вклучително и Бошњаците, Турците, Ромите, Србите и Власите.
„Од директорот на Агенцијата се очекува да придонесува кон меѓуетничката доверба, еднаквоста и заедничкото живеење. Величањето личности и идеологии поврзани со прогон, асимилација, воени злосторства и геноцид е неспоиво со мандатот и одговорноста на функцијата што ја извршува“, се наведува во барањето.
Организациите, исто така, изразија загриженост за положбата на вработените во АОПЗ што им припаѓаат на засегнатите заедници, поставувајќи го прашањето дали тие може да се чувствуваат безбедно и достоинствено во работна средина раководена од лице што, според нив, јавно споделува вакви пораки.
Од Владата се бара да ја преиспита политичката, етичката и институционалната одговорност на Китановиќ, да донесе одлука за негово разрешување, да преземе мерки за заштита на вработените и јавно да се огради од величањето на осудени воени злосторници и идеологии што поттикнуваат национална и верска омраза.
Исто така, организациите побараа од Јавното обвинителство по службена должност да ги испита содржината и контекстот на објавата и да утврди дали постојат елементи на кривично дело во согласност со член 407-а од Кривичниот законик.
Барањето е доставено и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и до националниот координатор за меѓуетничка и меѓуресорска соработка, Салко Куч.
„Ова не е прашање на дневна политика, етничка припадност или приватно убедување. Ова е прашање на цивилизациски вредности, владеење на правото, почитување на жртвите и одговорност на носителите на јавни функции“, порачаа потписниците.
Барањето го потпишаа претставници на НГО „Шадрван“, НГО „Диван“, Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, НГО „Диванхана“, НГО „Легис“, НГО „Смарт код“, Бошњачкиот национален совет и Бошњачката културна заедница.
Китановиќ, член на коалициската Демократска партија на Србите во Македонија, предводена од Иван Стоилковиќ, министер за локална самоуправа, на социјалните мрежи објави слика создадена со вештачка интелигенција, на која Младиќ е прикажан покрај историски српски личности, со натпис „Генерали на небесната војска“.
Владата на Северна Македонија реагираше, истакнувајќи дека Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд и дека ставот на Китановиќ е личен и „неприфатлив“ за извршната власт.
Осудениот воен злосторник Ратко Младиќ почина на 27 август на 84-годишна возраст во затворска болница во Хаг, каде што ја издржуваше казната доживотен затвор. Тој беше осуден за геноцид поради неговата улога во масакрот во Сребреница во 1995 година, во кој беа убиени повеќе од 8.000 Бошњаци, мажи и момчиња, како и за други злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.