Bojana Stojanovic
13 Декември 2019•Ажурирај: 14 Декември 2019
БЕЛГРАД (АА) - Франција го третира Западен Балкан како сосед и смета дека е важно и тој дел да биде вклучен во Европа, но Европската Унија прво мора да биде реформирана пред да има додатни проширувања, изјави денес во Белград министерката за одбрана на Франција, Флоренс Парли, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Парли наведе дека Франција не е против проширување, но дека за продолжување на проширувањето на ЕУ потребно е методот на преговорање да биде политички и реверзибилен.
„Така ќе биде уште подобар за земјите кои влегуваат во ЕУ, а тоа ќе биде добро и за Србија и Црна Гора“, изјави таа во Претседателството на Србија.
Како втор услов наведе дека ЕУ треба да се реформира во смисла на буџет, политика и начин на одлучување, за кое, како што рече, ќе бидат потребни повеќе години.
Министерката изјави и дека Франција го третира Западен Балкан како сосед.
„Западен Балкан е наш сосед и важно е да биде вклучен во Европа и да се ослободи од негативно влијание, а Европа сама ќе ги изврши сопствените работи во врска со своето функционирање додека не дојде до проширување“, наведе таа.
Зборувајќи за билатералните односи на Србија и Франција, таа изјави дека постојат многу добри историски врски и блискост на народот уште од времето на Првата светска војна.
Парли оцени и дека билатералните односи на Србија и Франција во областа на одбраната се добри, дека постои отворен и слободен дијалог и дека Париз е многу заинтересиран да слушне на кој начин Белград ја гледа својата иднина на континентот и регионот.
„Во областа на вооружувањето - хеликоптерите „Ербас“ се веќе испорачани и се работи на формирање центар за нивно одржување. Второ, соработката се развива врз основа на купувањето на ракетите „Мистрал 3“. Србија учествува во мировните мисии на ЕУ и ОН и ние го поздравуваме нејзиното ангажирање на тешките терени каде што многумина не сакаат да одат. Благодарам на Србија, на улогата во мисиите во Африка, квалитетот на српското влијание е навистина ценет, не само во доменот на медицината“, додаде таа.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изрази задоволство што прв пат по 35 години министер за одбрана е во посета на Србија, нагласувајќи дека двете земји добро соработуваат во разни меѓународни мисии, и дека за Србија, Французите секогаш биле пријатели.
Тој се заблагодари на Франција за поддршката на Србија на нејзиниот европски пат, додавајќи дека Србија има голема доверба во францускиот претседател, кого го смета за искрен пријател, кој покрај за француските, ќе се грижи и за српските интереси.
„Србија ќе ја чува својата воена неутралност, но ќе ги развива сите врски со Франција“, рече тој.
Тој се заблагодари на Франција што сакаше да работи со Србија на одбраната.
„Има уште многу области во сферата на воената индустрија и купување оружје каде што сме заинтересирани за француски производи и разговаравме за тоа. Верувам дека во наредните недели и месеци ќе имаме некои други позитивни работи со кои можеме да ве изненадиме“, рече Вучиќ.