ЗАГРЕБ (AA) - Во Загреб е одржан трилатерален состанок на министрите за внатрешни работи на Хрватска, Црна Гора и Албанија, посветен на заедничкото дејствување за миграциите преку повлекување средства од европските фондови, соработка со Фронтекс и преку размена на безбедносни информации, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за внатрешни работи на Република Хрватска, Давор Божиновиќ, по завршувањето на состанокот истакна дека прашањето на миграциите на источномедитеранската и западнобалканската рута се интензивираше од крајот на 2017 година и дека Хрватска поради тоа, како членка на Европската Унија (ЕУ) го зајакнала дијалогот со институциите на ЕУ за оваа тема.
Божиновиќ оцени дека западнобалканската рута, како единствена копнена рута, има потенцијал да стане најмасовна рута за миграции.
„Сите забележуваме раст на илегалните мигранти, во Хрватска оваа бројка е речиси 70 отсто поголема во однос на 2017 година, во Албанија се забележани шестпати повеќе мигранти отколку во 2017 година, а колегата Нухоџиќ детектираше поголем број мигранти кои преку Црна Гора настојуваат да одат понатаму“, изјави Божовиќ.
„Дојде до промена на структурата на мигрантите. Сите бележиме дека најголем број мигранти се од земјите како што се Авганистан, Пакистан, Иран и Ирак, што говори дека повеќе не можеме да се служиме исклучиво со термините како бегалство и бегалци, бидејќи тоа се главно економски мигранти кои преку нашите земји се обидуваат да дојдат до конечните дестинации во Западна Европа, што од една точка на гледиште е легитимно, но од друга точка на гледиште, со оглед на политиката на ЕУ која сака да ги запре илегалните миграции, вложува и ќе вложува сѐ повеќе во заштитата на надворешните граници, нешто со што ние мораме да се носиме“, порача Божиновиќ.
Најави дека земјите во регионот во наредните децении ќе мораат да се носат со прашањето на незаконските мигранти и ја истакна важноста на рамноправен дијалог на институциите на ЕУ со државите од Југоисточна Европа кои сѐ уште не се членки на ЕУ. Предупреди дека Босна и Херцеговина и Црна Гора добија конкретни европски средства за јакнење на граничните капацитети. Ја истакна важноста на реализацијата на Договорот на Црна Гора и Албанија со Фронтекс, европската крајбрежна и гранична стража.
Божиновиќ рече дека Хрватска минатата година забележала 619 казнени дела за криумчарење луѓе, што е пораст за 71 отсто во однос на 2017 година.
Тој додаде дека на денешниот состанок е разговарано за заедничко пристапување на трите држави кон расположливи европски фондови за спречување незаконски миграции и организиран криминал кои се на располагање и на земјите кандидати за членство во ЕУ.
Министерот за внатрешни работи на Република Албанија, Сандер Лешај, оцени дека 2019 година е почеток на сериозни преговори на Албанија со ЕУ за членство.
„Најважна е концентрацијата на незаконските миграции во Албанија која сакаме да ја намалиме и на тој начин да го намалиме нивниот прилив во ЕУ. Јасно е дека западнобалканскиот коридор постои поради кризата во Сирија, но сега е отворен и за другите мигранти од државите како што се Пакистан и Авганистан“, рече Лешај.
Тој предупреди дека постои поврзаност помегу миграциските текови со тековите на криумчарење и криминал, на кои треба да им се пристапи од двете страни.
„Знаеме дека, ако ја затвориме копнената граница, текот ќе се пренасочи на морската граница“, рече Лешај, и порача дека Албанија е подготвена да ја зајакне трилатералната соработка.
„Со менторство на Хрватска би можеле подобро да пристапиме кон фондовите на ЕУ и да ги зајакнеме нашите капацитети за да го намалиме протокот на мигрантите“, рече Лешај, и додаде дека е важно да се зајакнат инструментите за размена на информации и искуства, како и пооперативната соработка на трите држави и Фронтекс.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Мевлудин Нухоџиќ, истакна дека миграциските предизвици и понатаму имаат глобална димензија и дека во борбата против незаконските миграции е потребна соработка на државите на оперативно и стратешко ниво.
„Потребно е и понатаму да се јакнат капацитетите на граничните полиции, да се осовременува техничкото опремување на границите, да се работи на зголемување на прифатните капацитети, доследно да се спроведуваат договорите за реадмисија и да се зајакне секојдневната оперативна размена на информации, кои се клучни за сузбивање на илегалните миграции и кои се извориште на сите други облици на криминал, од организиран до екстремен верски радикализам“, рече Нухоџиќ.
Укажа на важноста од усвојување на шенгенските стандарди, оценувајќи дека средствата на Црна Гора претходно ѝ се доделени од овие фондови и дека помогнале во јакнењето на граничните капацитети.
Нухоџиќ рече дека во Црна Гора во последните неколку години се процесуирани повеќе од 70 члена на криумчарски мрежи и дека очекува скорешно потпишување договор на Црна Гора со Фронтекс.
„Спремни сме како мала земја да ги пружиме сите свои расположливи ресурси во соработка со земјите од регионот, но и со земјите членки на Европската Унија, кога е во прашање оваа проблематика“, рече Нухоџиќ.
Сите три држави - Хрватска, Албанија и Црна Гора, како членки на НАТО-сојузот делат безбедносни ризици и имаат обврска да го синхронизираат дејствувањето кога се во прашање безбедносните ризици.
news_share_descriptionsubscription_contact
