Zülfiya Yakup
19 Јануари 2018•Ажурирај: 20 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Косовските институции се на вистински пат да го расветлат случајот со убиството на Оливер Ивановиќ, изјави денес министерот за правда на Косово, Абелард Тахири, јавува Anadolu Agency (AA).
Тахири при посетата на отворениот затвор во Смрековницa, одговарајќи на прашањата на новинарот нагласи и дека Косово е подготвено за соработка со Србија во расветлувањето на случајот „Ивановиќ“.
„Ова не е прв пат да соработуваме со Република Србија, имаше десетици други случаи каде разменивме информации во врска со различни прашања со Република Србија на официјално ниво“, изјави Тахири.
Тој изјави дека ќе биде разменет секаков вид на информации, и дека Косово ги барало од Србија сите информации кои ги имаат и дека се очекува тие да бидат проследени на косовската полиција и обвинителство. Тој оцени и дека косовските институции се на вистински пат да го расветлат случајот на убиството на Оливер Ивановиќ.
Министерствата за правда и внатрешни работи на Косово вчера објавија дека надлежните органи интензивно работат на расветлување на убиството на косовскиот политичар и граѓанин Оливер Ивановиќ. Косовското Министерство за правда преку официјалните канали за комуникација го доби барањето на Министерството за правда на Србија за взаемна правна помош во случајот на "Ивановиќ", врз основа на кој се бара правната помош на Косово во согласност со процедурите од билатералниот договор кој е во сила.
Ова барање е исклучително поврзано со можноста за доставување на копии од евентуалните докази, податоци и други информации што полицијата и обвинителствата на Косово ги имаат или може да ги имаат во врска со овој предмет, се наведува во соопштението.
Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда “ е убиен на 16 јануари, пред просториите на неговата партија во Северна Митровица.