Bekim Laci
08 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Р. Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, истакна дека Македонија наскоро ќе добие безусловна препорака за отворање на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), бидејќи, како што рече, такво нешто им било кажано од страна на самите европски претставници кои ги признаваат достигнувањата на Владата во областа на реформите, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот Османи денес ја презентираше содржината на Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан до 2025 година, и говореше околу нејзиното значење во рамките на европската перспектива на Македонија и регионот.
Османи истакна дека клучните елементи на оваа Стратегија се дека Европската комисија ја потврдува европската иднина на земјите од Западен Балкан, и додаде дека Стратегијата за која станува збор, е историски прозорец за можности.
Во контекст на Р. Македонија, рече Османи, оваа Стратегија ги постигна очекувањата на земјата, и додаде дека истата ги цени напорите на секоја земја посебно.
„Причината зошто ние сме задоволни со Стратегијата е фактот што кога Македонија ќе почне да преговара може да ги престигне и првенците во процесот, доколку тоа го покаже со резултати. Ние тоа го посакувавме затоа што Македонија е најстара во овој процес, и пред Србија, и пред Црна Гора, и пред сите други држави од Западен Балкан во овој процес. Има потпишано Договор за стабилизација од 2001 година, кандидат од 2005 година и има најмногу напреднато во процесот на хармонизација на европското законодавство и трансформација на општеството“, нагласи Османи, и рече дека добрата страна на Стратегијата е дека го онемозвожува ветото на една земја од Западен Балкан за друга соседна земја.
Европската комисија ги признава досегашните резултати и недвосмислено соопштува дека е подготвена за започнување на преговорите за вклучување на Македонија.
Што се однесува до препораката, Османи е убеден дека во април или порано, Р. Македонија ќе прими безусловна препорака за отварање на преговорите.
„Во Стратегијата се наведува дека и нам ни е кажано оти Европската комисија ги цени достигнувањата на владата во делот на реформите во врска со целиот политички контекст што се спроведува во однос на соседите и етничките заедници во земјата. Нам ни е кажано дека Македонија заслужува една чиста препорака, и истата ќе ја прими, во април на редовниот состанок или порано, ќе биде проценка на Европската комисија“, истакна Османи, кој посочи дека без да се реши спорот со името нема членство ниту во ЕУ, ниту во НАТО.
Османи информираше за случувањата што следат по објавувањето на Стратегијата и укажа на балканската турнеја на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, која започнува од Скопје на 25 февруари, на редовното објавување на Стратегијата од страна на Европската комисија на 17 април, и на историскиот состанок на Советот на Европа за Западен Балкан кој започнува на 17 мај во Софија.
Потоа, рече Османи, следува Лондонскиот самит во јули во рамките на Берлинскиот процес, додека во текот на 2018 година, Македонија ќе спроведува длабока дебата со сите земјите членки на ЕУ.