Besar Ademi
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – На 50. Годишно собрание на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што беа претставени извештајите за работата на МАНУ за 2016 година, беше истакнато дека главната цел на програмата за 2017 година е мирно да се реши политичката криза што ја зафати земјата, и оваа земја да се врати на вистинскиот пат на процесите за евро-атлантските интеграции, со цел да се отворат перспективите на Македонија за да стане една демократска земја, со просперитетна економија и мултикултурна европска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Извештајот со тема „Македонската академија на науките и уметностите во 2016 и 2017 година“ беше претставен од страна на претседателот на МАНУ, Таки Фити. Тој истакна дека Македонија во последниве години се соочува со една од најтешките политички и социјални кризи по нејзината независност.
Тој нагласи дека оваа ситуација е мошне сериозна и тензична и дека политичките лидери треба да се ангажираат за колку што е можно поскоро да се реши оваа криза, меѓутоа сите предложени решенија за отворените прашања мора да се во согласност со Уставот на Р. Македонија.
„Неопходно е сите политички фактори и државни институции да се воздржат од преземањето активости кои дополнително би ја продлабочиле кризата и својата јавно декларирана и постојано повторувана определба, да им служат на интересите на сите граѓани на Република Македонија, да ја докажат на дело. Треба брзо да се дејствува и да направиме сѐ за мирна разрешница на кризата“, истакна академикот Таки Фити.
Според него, долгото траење на кризата и понатаму предизвикува сериозни негативни последици на сите нивоа од општествениот живот, како во економијата, политиката, меѓуетничките односи, процесите за евро-атлантска интеграција, демократизацијата на земјата, но и во меѓународната репутација на земјата.
Според Мито Маџунков, член на МАНУ, оваа криза повеќе се продлабочи со албанската платформа, во која албанските политички субјекти се обврзуваат дека нема да бидат дел од македонската Влада доколку не се прифатат барањата што се наведени во таа платформа.
„Македонскиот јазик е службен јазик на нашата држава согласно Уставот и со нашата народна традиција. Сегашниот обид за воведување на двојазичност на целата територија води кон поништување на претежно христијанскиот и православен карактер на нашиот народ и кон исламизација и албанизација на нашата татковина“, рече академик Маџунков.
Според академик Катица Ќулавкова, албанската платформа е подготвена од страна на партиите што се на власт, со цел да се избегне вниманието од кризата со која земјата се соочува и да нема промени во новата влада во земјата. Во меѓувреме, таа апелираше да се спречат протестите што се организираат против албанската платформа, и во исто време албанските политички субјекти да се повлечат од оваа платформа.