Husamedin Gina
06 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - По завршувањето на гласањето од вториот круг од претседателските избори во Република Северна Македонија, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Христијан Мицкоски и нивниот кандидат за претседател, Гордана Сијлановска-Давкова, одржаа заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Силјановска-Давкова, истакна дека бројките од денешното гласање говорат за пораз, но дека таа никогаш не се почувствувала посмирено и поисполнето. Во својот говор, таа кажа дека нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски денеска победил, но дека таа како поединец и како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ не ја загубила битката.
Според Силјановска-Давкова, политиката во државата сѐ уште не е уметност, сѐ уште е во рацете на партиите, бидејќи тие всушност одлучуваат кај кого ќе отидат гласовите, а не самите граѓани.
„Само победата на овие избори го актуализираше прашањето за предвремени парламентарни избори. Јас не мислам така. Резултатот зборува за делегитимирање. Резултатот наметнува потреба од разговори и преговори како да се оди напред, но јас мислам дека ситуацијата е таква што сериозно треба да се размислува за предвремени парламентарни избори“, нагласи Силјановска, додавајќи дека ниту таа како поединец, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ ја изгубила битката.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е „најголемата политичка сила во Македонија", нагласи дека неговата партија победила во најголемите општини.
Мицкоски, исто така, наведе дека ќе продолжат да работат со поголема енергија за на наредните парламентарни избори стигнат до 500 илјади гласови.
Според податоците од официјалната интернет страница на Државната изборна комисија (ДИК) победи кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, поддржан од Социјал-демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката коалиција, Стево Педаровски, со освоени 51,66 отсто од вкупниот број гласови, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска - Давкова, освои 44,73 отсто од вкупниот број гласови.
Податоците на ДИК покажуваат дека Пендаровски освоил 436.212 гласови, а Силјановска-Давкова има освоено 377.713, додека 30.442 (3,61 отсто) се неважечки гласови.
Како што објави ДИК, излезноста на денешните избори, според досегашните резултати изнесува 46,70 отсто, односно своето право на глас го искористиле 844.365 граѓани.
На 3.480 избирачки места во земјава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот, а затворени во 19:00 часот.
Првиот круг од претседателските избори се одржа на 21 април, кога освен Пендаровски и Силјановска-Давкова, како претседателски кандидат учествуваше и Блерим Река, поддржан од опозициските партии од албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Движењето Беса, но како третопласиран според добените гласови, немаше право да учествува во вториот круг.
Од независноста на државата, ова се шести претседателски избори.
Заедно со вториот круг на претседателските избори денеска се одржа и вториот круг од предвремените локални избори за градоначалници на Охрид и на Ново Село.
Во Охрид победи Константин Ѓорѓиевски, кандидат на СДСМ, а во Ново Село победи Никола Андонов, исто така, кандидат на СДСМ.
Избори беа распишани и во Дебар, но таму градоначалник беше избран во првиот круг, кога победи Хекуран Дука од Демократската унија за интеграција (ДУИ).