СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ -
Аднан Ќахил, министер во Владата на Македонија задолжен за странски инвестиции во земјата, изјави дека ја поддржува Турција и ќе застане покрај неа во борбата против терористичката организација ФЕТО.
Министерот Ќахил во разговор за Anadolu Agency (AA) потсети дека изминатите денови, како член на делегацијата предводена од премиерот на Македонија, Зоран Заев, присуствувал на повеќе средби во Турција, истакнувајќи дека имал продуктивни средби со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерот Бинали Јилдирим, претседателот на Големото народно собрание на Турција, Исмаил Кахраман, и претставници од бизнис-светот.
Посочувајќи дека меѓу Турција и Македонија продолжува да се одвива многу важен политички дијалог, министерот Ќахил посочи дека високото ниво на политички односи не се отсликува и врз економијата. Тој смета дека за таа цел е потребно трговската размена, наместо сегашните 460 милиони евра, да ја надмине вредноста од 1 милијарда евра.
Министерот Ќахил истакна дека за да се постигне тоа, треба да се вложат напори од двете страни, додавајќи дека ќе застане на чело на Заедничката комисија за економија, и во периодот што следува, ќе ги отстрани сите недостатоци.
Зборувајќи за трговската размена меѓу двете земји, министерот Ќахил изјави: „Наша цел е трговската размена да биде поголема од 1 милијарда евра“.
- „Претседателот Ердоган ја сака и почитува Македонија“ -
Министерот Ќахил изјави дека претседателот на Ердоган е државник кој се интересира, ја сака и ја почитува Македонија.
„Претседателот Ердоган спомена дека во мај или јуни ќе ја посети Македонија. Се надевам дека со оваа посета, ќе биде потврдена сета поддршка што Турција ѝ ја дава на Македонија, од секој аспект, на политички, економски и стратешки план. Се разбира, оваа поддршка, во позитивна насока, ќе има големо влијание на Балканот. За Македонија, од економски аспект, е многу важна поддршката од голема држава како што е Турција, која истовремено е и земја членка на НАТО“, рече министерот Ќахил.
Зборувајќи и за проблемите со кои често се соочува турската етничка заедница што живее во Македонија, министерот Ќахил рече дека се работи на решавање на овие проблеми, истакнувајќи дека проблемите ќе бидат решени на тој начин што еден по еден ќе бидат ставани на дневен ред.
Околу Законот за употреба на јазиците, кој овозможува покрај македонскиот јазик, да се употребува и албанскиот како официјален јазик во Македонија, министерот Ќахил го рече следното: „На Законот за јазиците и напредувањето во таа насока не треба да гледаме како на нешто лошо. Сите табли во Скопје беа двојазични. Она што ќе обезбеди единство од економски аспект, се разбира дека ќе се одрази и врз другите состојби“.
Истакнувајќи дека во севкупната досегашна работа, постојано вложувале напори за унапредување на образованието на Турците во Македонија, министерот Ќахил рече дека во следните 30 дена, на покана на турското Министерство за образование, заедно со министерката за образование на Македонија, Рената Дескоска, ќе ја посетат Турција. Министерот Ќахил додаде дека очекува на средбата во Турција да стане збор за решавање на образовниот проблем што го имаат Турците кои живеат во Македонија.
Истакнувајќи ја поддршката од Турција која неизостанува, министерот Ќахил рече дека не е можно да се очекува сите проблеми наеднаш да бидат решени, додавајќи дека за целосно решение ќе биде потребен извесен период.
- „Ја поддржуваме Турција во борбата против ФЕТО“ -
Министерот Ќахил истакна дека заради привлекувањето инвестиции во Македонија, имал можност да се состане со повеќе од 200 компании и бизнисмени од различни делови на светот, првенствено од Турција, Германија, Луксембург, Италија, САД, Азербејџан, Катар и Кина.
„Подготвивме многу јасна и транспарентна програма. Во програмата се наведени сите детали за тоа како секој инвеститор лесно може да добие владини субвенции“, посочи министерот Ќахил.
Министерот Ќахил потсети дека во Слободната економска зона „Бунарџик“ од девет инвестиции, четири им припаѓаат на турски компании, а во тек се и средби со 7-8 инвеститори од Турција.
„На 17 и 18 овој месец патувам за Анкара, каде што ќе се состанам со регионални бизнисмени од Кастамону и Карабуќ. Во периодот што следува ќе ги посетиме и големите градови во Турција. Ќе одржиме средби со нивните трговски, индустриски и надворешнотрговски комори, поканувајќи ги да дојдат во Македонија, и да вложат во гринфилд и браунфилд инвестиции во Слободната економска зона. Треба да им покажеме дека политичката нестабилност во Македонија остана зад нас и оти може да им гарантираме дека постои политичка стабилност во земјата“, рече министерот Ќахил.
„Поддршката на Турција за Македонија на патот за членство во НАТО и ЕУ не изостана ниту еднаш“, истакна министерот Ќахил, додавајќи дека на одржаните средби на високо ниво во Турција, се добиени гаранции за поддршка на Македонија во преговорите со Грција.
Министерот Ќахил истакна дека во рамките на македонските закони и прописи, во Македонија, ќе се одвива борба против терористичката организација ФЕТО.
„Се разбира дека сме против терористичката организација ФЕТО, ние сме против сите терористички организации. Дали станува збор за терористичката организација ФЕТО, или за некоја друга, ние сме и ќе бидеме против сите терористички организации. Особено сме против терористичката организација ФЕТО, поради тоа што го направи во Турција“, посочи министерот Ќахил.
Министерот Ќахил истакна дека во борбата против тероризмот, заедно со премиерот Заев ќе ја продолжат борбата против ФЕТО и додаде:
„Важни се нашиот став, нашето мислење. Во рамките на сета правна и уставна моќ што ја имаме, ќе се бориме против терористичката организација ФЕТО и нема да им дозволиме на припадниците на ФЕТО да направат ниту еден чекор. Како што Турција нѐ поддржува нас на секој чекор, и ние како држава, ќе ја поддржиме Турција во нејзината борба против ФЕТО и ќе застанеме покрај неа“.