Fatjon Cuka
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
ДРАЧ (АА) - Прашањето за членовите на Народната иранска муџахединска организација (МЕК) е повторно вратено во центарот на вниманието во Албанија, по реализирањето на судските сослушувања во судскиот процес против иранскиот екс-функционер, кој се суди во Шведска во врска со настаните од 1988 година во Иран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Процесот за сведочењето во Регионалниот суд во Драч за седум члена на МЕК кои живеат во кампот во Албанија, заврши денеска, додека судскиот процес против иранскиот екс-функционер, Хамид Нури, ќе продолжи во Шведска.
Судска делегација од Регионалниот суд во Стокхолм престојуваше во Албанија од 10 ноември со цел да ги добие сведочењата од некои членови на МЕК во судот во Драч, кој беше ставен на располагање од страна на албанските власти за овој процес на сведочење.

Регионалниот суд во Драч за АА официјално потврди дека ставањето на располагање на просториите на судот е направено во согласност со Законикот за кривична постапка на Албанија и албанскиот закон за „правосудните односи со странски власти за кривични дела“, како и врз основа на Конвенцијата на Советот на Европа за заемна правна помош за кривични дела и нејзиниот додаден протокол, по барањето за правна помош од страна на шведските правосудни органи.
Според судот, сослушувањето на овие лица е побарано да се реализира од самите шведски судски власти во Албанија со дозвола на албанските власти, во услови на видеоконференција поврзана со обвинетиот од Стокхолм „со цел почитување на неговите права во процесот“.
Мохамед Мохадесин, претседавач на Комитетот за меѓународни односи при Иранскиот совет на отпорот, во изјава за медиумите надвор од судот во Драч истакна дека судот бил преместен во Албанија, со цел сослушување на сведоците кои се членови на МЕК во Албанија. Тој, исто така, рече дека судот ќе продолжи со други сесии во Стокхолм.

„Она што се случи на ова судење покажува две работи. Прво, бруталноста на овој режим, егзекутирањето на 13.000 лица во текот на неколку недели, од кои мнозинството беа поддржувачи на организацијата на муџахедините на иранскиот отпор. Нема друг преседан во историјата на човештвото по Втората светска војна. Од друга страна, второ, нешто што се покажува за време на оваа судска ревизија, е иранскиот отпор од две декади против овој брутален режим. Ја покажува цената што ја платиле и продолжуваат да ја плаќаат иранските граѓани за слободата“, нагласи Мохадесин.
„Се надевам дека Иранците ќе продолжат да се борат за нивната слобода сѐ додека ја постигнат својата цел за еден Иран ослободен од тиранија“, рече тој.
„Илјада поранешни политички затвореници кои лежеле во затвор се од редовите на засолнетите муџахедини во Албанија. За време на судењето, седум лица сведочеа во Албанија. Овој судски процес е во врска со масакрите што се случија во 1988 година во затворите во Иран. Денеска се случи ова, едно од лицата кое било сведок, детално раскажало како започнале масакрите во 1988 година и во детали кажало како оделе во собите за егзекуција и како биле егзекутирани. Овој бил еден од оние кои преживеале, бидејќи околу 95 лица биле егзекутирани за овој случај во затвор“, истакна Мохадесин.
Хосеин Фарси, еден од сведоците во овој судски процес, за АА истакна дека со свои очи ги видел егзекуциите.

„Сведочев на вчерашната седница за Хамид Нури. Сведочев за неговите масакри во 1988 година во затворот „Гохардаш“. Најмалку 100 лица во тој затвор беа егзекутирани од страна на овој човек. Во затвор бев 12 години. Бев очевидец дека Хамид Нури вршеше тортура врз затворениците. Со мои очи видов дека оние што беа егзекутирани, покажаа отпор до последните моменти на нивните животи“, нагласи Фарси.
Според МЕК, случајот против Нури, кој беше вршител на должноста обвинител на затворот „Гохардаш“ во Карај, западно од Техеран, започна во Шведска на 10 август, и сѐ уште трае. Според МЕК, тој бил приведен во 2019 година поради неговата улога во масакрот во 1988 година врз 30.000 политички затвореници.
- Членовите на МЕК во Албанија -
Во Албанија веќе неколку години живеат околу 2.800 члена на МЕК, кои престојуваат во специјално изграден камп (кампот „Ашраф 3“) во местото Манзе, во градот Драч.
Членовите на МЕК, по барање на Соединетите Американски Држави (САД), за првпат почнаа да пристигнуваат во групи во 2013 година.
Албанските власти, привремената евакуација на членовите на МЕК од Ирак во Албанија ја сметаат за помагање на САД, кои се нивни стратешки сојузник.