Fatjon Cuka
10 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ е во дводневна официјална посета на Албанија, при што оствари средба со својот албански колега, Дитмир Бушати, за да разговараат за унапредување на билатералните односи и за геополитичките предизвици со кои во последниве години се соочуваат земјите во регионот и во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Албанскиот министер за надворешни работи истакна дека за време на состанокот со црногорскиот министер разговарал за прекуграничната соработка, особено на проектите за модернизација на граничните премини кои, како што рече, се во интерес на двете земји.
„Разговаравме за можноста за отворање нови гранични премини во областите каде што има инвестиции. Исто така се осврнавме и на интеграцијата во НАТО, процес во кој Албанија дава поддршка, бидејќи го смета за значаен кога станува збор за безбедноста и инвестициите во регионот“, рече Бушати, кој оцени дека Црна Гора има постигнато напредок во процесот на евроинтеграција.
Бушати ги искоментира и ги нарече непродуктивни изјавите на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, дека албанската дијаспора се подготвува да ги заземе српските дипломатски конзуларни претставништва за да го принуди Белград да се откаже од гонењето на Рамуш Харадинај, кој беше уапсен под наредба за Србија.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ ја потврди одлучноста на неговата влада за продолжување на интензивирањето на билатералната соработка со Албанија и влез во ЕУ и НАТО.
Тој истакна дека членството во НАТО е од исклучително значење за стабилноста на регионот, додавајќи дека очекува Црна Гора оваа година да стане полноправна членка на НАТО.