Fatjon Cuka
15 Мај 2023•Ажурирај: 16 Мај 2023
ТИРАНА (АА) - Во Албанија продолжува процесот на броење на гласовите за локалните избори, а овој процес започна во некои општини каде што се применуваше електронско гласање, јавува Анадолу.
Процесот на пребројување гласови продолжува во главниот град на земјата, Тирана, и во другите општини во Албанија.
Според прелиминарните податоци објавени од Централната изборна комисија на Албанија (ЦИК), броењето на гласовите е завршено во некои општини, а Социјалистичката партија на Албанија, предводена од премиерот Еди Рама, води на овие избори.
Во меѓувреме, според прелиминарните податоци на ЦИК, учеството на граѓаните со право на глас изнесува 37,79 отсто.
Локалните избори во Албанија се одржаа на 14 мај, за избор на градоначалници и членови на општинските совети низ целата земја.
За локалните избори, како изборни субјекти беа пријавени 44 политички партии, од кои 38 партии надвор од коалициите, шест партии групирани во две коалиции и 12 независни кандидати.
Избори за органите на локалната власт во Албанија се одржуваат за да се изберат 61 градоначалник и 1.603 членови на општинските совети низ целата земја. Градоначалниците и членовите на општинските совети се избираат непосредно за период од четири години.
Новост во овој изборен процес беше што гласачите во општините Елбасан, Камез и Воре гласаа преку Електронската опрема за гласање и броење (ПЕВН).