Fatjon Cuka
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
ТИРАНА (АА) - Албанија се очекува наредната година да лансира свој сателит во вселената. Тоа е потврдено преку видеоснимка објавена на социјалните мрежи од страна на премиерот на Албанија, Еди Рама, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите на Кабинетот на албанскиот премиер, во видеоснимката се прикажува разговорот на Рама со еден од претставниците на компанијата која ќе го овозможи лансирањето на сателитите.
На оваа снимка на која првин се прикажува снимка од лансирањето на „Спејкс фалкон 9“, се потврдува дека првиот сателит „Албанија 1“ во вселената ќе биде лансиран во март наредната година.
Вториот сателит „Албанија 2“, според видеоснимката, ќе се лансира во јуни наредната година.
„Албанија во орбитата. Неверојатно, но вистина“, истакна Рама во видеоснимката.
Во видеоснимката не се споделени повеќе детали за местото на лансирањето на сателитите и нивниот вид.
Потсетуваме, пред неколку дена Рама соопшти дека Албанија ќе има свои сателити со цел зајакнување на контролата врз целата територија на земјата.
Според Рама, сателитите ќе се користат за прашања во врска со цивилните работи на Албанија.