Gorana Jakovljevic
15 Ноември 2019•Ажурирај: 16 Ноември 2019
БАЊАЛУКА (AA) - Во босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС), 53,1 отсто од граѓаните не се за влез на Босна и Херцеговина (БиХ) во НАТО, додека 61,2 отсто се за влез на БиХ во Европската Унија, покажа истражувањето кое го спроведе Факултетот за политички науки (ФПН), јавува Агенција Анадолија (АА).
Борислав Вукојевиќ, раководител на Анкетниот центар на Факултетот за политички науки, изјави дека за 1.001 испитаник се понудени неколку одговори.
Кога се во прашање интеграциите во НАТО, 53,1 отсто се оние кои исклучиво кажале „не“, 20,4 отсто кажале „да, во секој случај“, а 8,5 отсто испитаници кажале „да, доколку Србија истото го направи“, додека 18 отсто од испитаниците биле без одговор или одговориле „не знам“.
„Кога се во прашање евроинтеграциите, над 60 отсто се оние кои се за сигурен влез во ЕУ, додека 9,6 проценти се врзуваат за својата одлука за Србија, а помал е процентуално бројот на оние кои се против влегувањето во ЕУ. Сакавме да испитаме дали возраста на испитаниците игра улога и докажавме дека игра - повозрасната група, оние над 55 години се повеќе за влез во НАТО и во ЕУ“, рече Вукојевиќ.
Истакна дека возраста е фактор кој најмногу влијае на одлучувањето.
„Секако, повозрасното население кое го доживеа она што го правеше НАТО во деведесеттите години, логично на тоа прашање гледа низ тој контекст, и затоа нѐ изненади одговорот „да, во секој случај“ за НАТО-интеграциите. Затоа ќе ги истражиме причините за тоа“, рече тој.
Според резултатите од истражувањето, најмногу ги има оние кои за влез на БиХ во НАТО припаѓаат на групата повозрасни лица од 60 години.
Кога е во прашање пристапувањето на БиХ во ЕУ, повеќето испитаници кои се изјаснија ги сочинуваат младите помеѓу 18 и 41 година.
Повеќе од третина испитаници сметаат дека влегувањето во ЕУ е можно без влегување во НАТО, а исто толку и не знаат, додека четвртина испитаници одговориле дека влегувањето во ЕУ не е можно без влегување во НАТО.
Помалку од 40 отсто од испитаниците сметаат дека влегувањето во НАТО би дало придонес за градење подобра економска состојба и поттикнување странски инвестиции, а половина од испитаниците сметаат дека тоа никако не би можело да се случи.
Здравко Злокапа, декан на Факултетот за политички науки во Бања Лука, во врска со истражувањето рече дека во прашање е најактуелното политичко прашање денес.
„Интересно е тоа што повозрасните граѓани покажаа тенденција повеќе да се изјаснуваат за влез во НАТО, а интересно е, исто така, и тоа што многумина граѓани влезот во НАТО го одбиваа условно, односно дека доколку Србија го направи тоа, можеме и ние. Резултатите се подложни на различни интерпретации“, рече Злокапа.