Andelija Stojkovic
05 Октомври 2017•Ажурирај: 06 Октомври 2017
БЕЛГРАД (АА) - Србите и Албанците се народи кои со години живеат едни покрај други, кои биле мошне измешани за време на историјата и кои сега имаат заедничка цел, а тоа е влез во ЕУ, беше кажано на денешната конференција „Србија и Албанија – меѓузависни во развојот и во стабилизацијата“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Форумот за меѓународни односи на Европското движење, Јелица Миниќ, изјави дека Србија и Албанија немаат отворени билатерални прашања, но оти немаат исти погледи на регионот, што сепак не го спречува развојот на економската соработка.
„Имаме иста цел – интеграција во ЕУ. Сега, кога вратите на ЕУ се подотворени за Западен Балкан, соработката треба да се интензивира“, изјави Миниќ и додаде дека двете земји имаат ист проблем, а тоа е заминувањето на младите во странство.
Таа изјави дека на Балканот, кога се во прашање европските интеграции, присутно е создавањето на „ние“ како колектива која нешто бара или нуди.
Извршниот директор на Европското движење во Албанија, Гледис Ѓипали, изјави дека државните институции треба да се угледаат на организациите на цивилното општество, кога станува збор за соработката, и оцени дека деловниот сектор е многу активен и оти пронашол начин за соработка.
Зборувајќи за берлинскиот процес, Ѓипали изјави дека тој процес го гледаат како простор за соработка, а соработката и добрососедските односи се многу важни кога станува збор за пристапот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.
Поранешниот амбасадор на Србија, Милан Симурдиќ, изјави дека односите на двете земји се оптоварени од нерешените прашања, оти е невозможно да се изолираат односите на Србија и на Албанија од прашањето на Косово и дека односите се одвиваат без особена промена.
Тој оцени дека администрациите на двете држави се однесуваат инертно и оти на сајтовите на Министерството за надворешни работи на двете земји нема многу известувања за другата страна, а Собранието на Србија нема пратеничка група на пријателство со Албанија, која според него, би можела да доведе до подобрување на односите.
Симурдиќ изјави дека Србија и Албанија бележат константен подем на стокова размена и дека се поставува прашањето дали Белград ќе оди на економизација на односите со Тирана, како прашање што не е спорно, а тоа би можело да ги отвори патиштата кон други видови соработка.
Тој додаде и дека полемиките околу автопатот Ниш – Драч покажале дека општеството во Србија е поделено по прашањето на односите со Албанија и оти тоа прашање често се гледа низ „косовските очила“.
Научниот соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија, Александар Павловиќ, изјави дека историските односи на Србија и Албанија биле попрво пријателски од непријателски, и дека за време на историјата, меѓу аристократските семејства од двата народа се склопувале бракови и така се создавале сојузи. Во записите од 19. век, Албанците се опишуваат во позитивен контекст, како храбри и слични на Црногорците, а комунистите од Албанија и од Србија до определувањето за Сталин биле во братски односи.
Тој изјави дека во медиумите во Србија, до 2014 година Албанија била споменувана неутрално и оти била маргинална тема, а од инцидентот на фудбалскиот натпревар со дронот што го носеше знамето на Голема Албанија, за Албанија почнало да се пишува негативно. Тензиите потоа се смириле, но оваа година во медиумите во Србија повторно се пишува за таа земја во негативен контекст.