Senita Sehercehajic
23 Јули 2021•Ажурирај: 25 Јули 2021
САРАЕВО (АА) - Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Валентин Инцко, користејќи ги своите овластувања, донесе дополнение на Кривичниот закон на Босна и Херцеговина, со кој воведе забрана за негирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства утврдени со правосилни пресуди на надлежните меѓународни и домашни судови, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Кој јавно одобри, негира, грубо намали или се обидува да го оправда злосторството геноцид, злосторствата против човештвото или воените злосторства утврдени со правосилна пресуда во согласност со Повелбата на Меѓународниот воен суд придружена со Лондонскиот договор од 8 август 1945 година или Меѓународниот казнен суд за поранешна Југославија или Меѓународниот казнен суд или Суд во Босна и Херцеговина, а насочено против група лица или членови на група одредени со оглед на расата, бојата на кожата, вероисповедта, потеклото или националната или етничката припадност, и тоа на начин што може да поттикне насилство или омраза против таква група на лица или членови на таква група, ќе се казни со казна затвор од шест месеци до пет години“, се вели во дополнението на Кривичниот закон на БиХ, потпишано од Инцко, објавено на веб-страницата на Канцеларијата на високиот претставник во БиХ.
Казна затвор од три месеци до три години е предвиден за јавно поттикнување на насилство или омраза насочена против група лица или член на група утврдена врз основа на расата, бојата на кожата, вероисповедта, потеклото или националната или етничката припадност.
Најмалку една година затвор, согласно дополненијата на Кривичниот закон на БиХ, ќе може да се изрече и за јавно дистрибуирање летоци, слики или друг материјал во врска со наведените кривични дела. Доколку тие се сторени на начин што го нарушува јавниот ред и мир, и има карактер на закана или е навредливо, на сторителот му се заканува казна затвор од најмалку три години.
„Кој ќе додели признание, награда, споменица, каков било потсетник или привилегија или слично на лице осудено со правосилна пресуда за геноцид, злосторства против човештвото или воено злосторство, или именува јавен објект како улица, плоштад, парк, мост, институција, установа, општина или град, населба и населено место, или регистрира назив според лице осудено со правосилна пресуда за геноцид, злосторство против човештвото или воено злосторство, или на кој било начин велича лице осудено со правосилна пресуда за геноцид, злосторство против човештвото или воено злосторство, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“, се наведува во одлуката на високиот претставник за дополнување на Кривичниот закон на БиХ.
Овој закон стапува на сила осум дена по објавувањето на официјалната веб-страница на Канцеларијата на високиот претставник или еден ден по објавувањето во Службениот весник на Босна и Херцеговина.