Elvır Hodzıc
30 Јануари 2021•Ажурирај: 01 Февруари 2021
САРАЕВО
На планината Игман денес се одбележа 79-годишнината од Игманскиот марш, легендарниот пробив на Првата пролетерска бригада од планината Романија до слободната територија во Фоча, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со традиционалниот марш и со полагање венец и цвеќе од делегациите на спомен-обележјето на припадниците од Првата пролетерска бригада на игманското Велико Поље, и со пригодна програма и оваа година беше одбележана годишнината од славниот марш.
Организатор на ова одбележување е Сојузот на антифашисти и борци на Народноослободителната војна во Босна и Херцеговина.
Поради епидемиолошките услови, на одбележувањето на 79-годишнината од маршот присуствуваа значително помалку луѓе во однос на претходната година, но и денес на Игман стигнаа доста луѓе од БиХ, регионот, но и пошироко.
„Игманскиот марш“ изведен е во ноќта помеѓу 27 и 28 јануари 1942 година, по длабок снег и голем студ на минус 38 степени, а 800 припадници на Првата пролетерска бригада пешачеа 17 часа.
Припадниците на Првата пролетерска бригада на Романија беа опколени од силните германски сили. Штабот на бригадата донесе одлука за извршување на опасно, но единствено можно движење. Учесниците на маршот поминаа покрај Сараево и преку Игман извршија пробив кон Фоча, тогашна слободна територија.
Тоа беше еден од најважните партизански походи на просторите на поранешна Југославија во Втората светска војна, а традиционално веќе со децении се одбележуваат годишнините од тој настан со пораката дека антифашизмот не е искоренет.