Adel Omeragic
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Бугарија максимално го поддржува патот на Црна Гора кон ЕУ, а до крајот на годината „мораме да се потрудиме преостанатите две поглавја да бидат затворени, бидејќи веќе наредната година претстојат избори за Европскиот парламент“, оцени бугарскиот премиер Бојко Борисов во Подгорица, јавува Anadolu Agency (AA).
Борисов денеска престојува во официјална посета на Црна Гора, на покана на својот црногорски колега, Душко Марковиќ.
Бугарскиот премиер истакна дека Црна Гора е земја со силна перспектива. „Ќе продолжиме да го поддржуваме патот на Црна Гора што е можно повеќе, и мораме да се потрудиме до крајот на годината да бидат затворени преостанатите две поглавја.
Следната година следува избор на новиот Европски парламент. Тоа значи избор на нови лица, доделување нови буџети, а додека сето тоа се среди, можат да минат месеци“, рече Борисов.
Тој додаде дека Црна Гора по влезот во НАТО мора што побргу да влезе во Европската Унија, бидејќи тоа носи неизмерни бенефиции, како за државата, така и за целиот Западен Балкан.
Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, порача дека напорите на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, придонесоа за усвојување на интеграциите на изминатиот Самит во Софија, што даде јасна перспектива за Западен Балкан.
„Најважно е дека ја започнавме приказната за регионално инфраструктурно поврзување и дека Јадранско-јонскиот автопат влезе во инфраструктурниот проект што ќе биде поддржан од Европската Унија. Тоа се случи исклучиво благодарение на определбите на Борисов. Денеска имаме јасна перспектива за изградба на Јадранско-јонскиот автопат, што на Црна Гора, но и на регионот ќе му донесе одредени бенефиции“, рече Марковиќ.
Тој му се заблагодари на Борисов што Бугарија постојано стои покрај Црна Гора, како на патот кон НАТО, така и сега, кога Црна Гора чекори кон ЕУ.