Dilara Hamit
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
СОФИЈА (AA) – Бугарија протера руски дипломат поради собирање на класифицирани информации, јавува Anadolu Agency (AA).
Руски дипломат кој работел во главниот град на Бугарија, Софија, протеран е заради собирање класифицирани информации повеќе од една година, соопштија обвинителите во Софија.
Обвинителството соопшти дека примило информации од Агенцијата за национална безбедност дека првиот секретар на руската амбасада бил вмешан во шпионажа.
Истрагата утврдила дека дипломатот, чие име не е објавено, собирал класифицирани информации за Бугарија, Европската унија (ЕУ) и НАТО, од септември минатата година.
Според Обвинителството, постојат докази за сторени кривични дела против државата.
Како што се наведува, дипломатот ги плаќал лицата кои му биле извор на информации.
Обвинителот Сотир Цацаров рече дека Обвинителството ја затворило истрагата затоа што осомничениот имал дипломатски имунитет. Цацаров информираше дека се состанал со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, заради преземање на неопходни чекори.
Според писменото соопштение на Министерството за надворешни работи на Бугарија, рускиот дипломат ја напуштил државата.
Бугарија стана членка на НАТО алијансата во 2004 година, а членка на ЕУ, стана во 2007 година.