Zülfiya Yakup
03 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, денес беше домаќин на состанокот со претседателот на Косово, Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај и со копретседавачот на Преговарачкиот тим за дијалог со Србија, Фатмир Лимај, со коишто разговараше за дијалогот со Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Весели на прес-конференцијата по средбата изјави дека заедничката оценка е дека самитот во Берлин е добра вест. Тој се заблагодари на ЕУ за сериозниот ангажман кон дијалогот меѓу Косово и Србија, но изрази уверување дека во иднина во дијалогот директно ќе бидат вклучени и Соединетите Американски Држави (САД).
Запрашан за коментар во врска со барањето од Берлин на германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон за привремено суспендирање на таксите од 100 отсто за увоз на стока од Србија, со цел продолжување на дијалогот, Весели рече дека таксите се минорна работа.
„Нашата примарна цел е да одиме на овие процеси само со една цел, Косово во Обединетите нации. Косово ги презема своите обврски кон граѓаните, кон соседите, има многу јасен евроатлантски став, останатото е минорно. Овие работи за коишто говорите се минорни, а во врска со таксите едноставно немам намера да донесам одлука која би можела да стави в ќош ниту еден лидер на државата Косово. Никогаш нема да бидеме потчинети на Србија и на Вучиќ“, рече Весели.
Тој истакна дека во дијалогот не може да се разговара за независноста и суверенитетот на Косово, но дека ќе се разговара за обврските на Косово како држава кон сопствените граѓани, кон соседите и кон ЕУ. Исто така повтори дека Косово ги исполнило сите барани услови за либерализација на визниот режим.
„Ние ги исполнивме сите услови. Помогнете ни и вие (медиумите), нема потреба да создавате други непотребни пресеци. Треба да ни се одобри визната либерализација поради фактот што Косово сите технички аспекти кои ги пропиша ЕУ ги испочитува, и беше многу коректно. Можеби исполнивме повеќе услови од поголемиот дел земји“, рече Весели.
Останатите лидери кои присуствуваа на состанокот не дадоа изјави за медиумите.