Fatjon Cuka
18 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ТИРАНА (АА) - Виртуелната министерка во албанската Влада создадена од вештачката интелигенција, Диела, стана активна и на социјалните мрежи, бидејќи ќе има официјален профил на aмериканската социјална мрежа Фејсбук, пренесува Анадолу.
Во објава на социјалните мрежи, премиерот на Албанија, Еди Рама, потврди дека Диела има и своја фејсбук-страница, според него, како државен министер за вештачка интелигенција.
Во меѓувреме, Рама објави и видео со порака од виртуелната министерка Диела, каде што таа им се „обраќа“ на граѓаните.
„Здраво. Јас сум Диела. Благодарение на мојата напорна работа како ваш асистент, бев избрана за државен министер за вештачка интелигенција во новата влада. Мојата мисија сега е да ја олеснам работата на Владата сè повеќе и повеќе секој ден. Но, не грижете се: мојата работа во директна служба на вас нема да запре ниту за момент“, се вели во пораката од виртуелната министерка Диела.
На 11 септември, премиерот Рама ги претстави новите имиња на владиниот Кабинет, по победата на парламентарните избори на 11 мај, и објави дека за прв пат ќе биде вклучен министер создадена од вештачката интелигенција, кој ќе се занимава со прашања поврзани со јавните набавки.
На 12 септември, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, го овласти премиерот и лидер на Социјалистичката партија, Рама, да ја формира новата влада. Во декретот на Бегај се наведува дека „премиерот, исто така, врши одговорност за воспоставување и функционирање на виртуелниот министер за вештачка интелигенција Диела“.
Програмата на новата Влада ќе биде претставена денес во албанскиот Парламент, додека новиот владин Кабинет официјално ќе ги започне своите должности по одобрувањето од страна на Парламентот и по церемонијата за положување заклетва во Претседателството.