Zülfiya Yakup
09 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Владата на Косово соопшти дека Нацрт-законот со кој се предлага Безбедносните сили на Косово да добијат улога на војска – кој инаку беше предложен од страна на претседателот на Косово, како врховен командант на БСК – веднаш штом ќе го добие од Собранието на Косово, ќе го третира на начин тој да биде во согласност со Уставот на Косово и да има буџетска поддршка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Владата се вели дека Нацрт-законот ќе биде третиран според правилникот на Министерството на БСК, Министерството на европски интеграции и Министерството за финансии. Исто така, се наведува дека во вчерашниот телефонски разговор, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг побарал од премиерот на Косово повторно да ја разгледа измената на мандатот на БСК преку закон и изрази загриженост за членовите на Северноатлантската алијанса во врска со тоа. Сличен став на премиерот оваа недела му пренесоа амбасадорите на САД и на Обединетото Кралство.
„Премиерот оценува дека основањето на косовската војска не смее да остане заложник на Србија. Унапредувањето на улогата на БСК во војска е во интерес на сите граѓани на Косово, без оглед на нивната етничка припадност. Владата на Косово е посветена Косово да има своја војска, во рамките на Уставот на Косово и со поддршка и координација со нашите стратешки партнери, САД и НАТО“, се наведува во сооопштението на Владата на Косово.
Исто така, во соопштението се додава дека премиерот Иса Мустафа за предлогот на овој Нацрт-закон е информиран на 5. март, непосредно пред претседателот Хашим Тачи својата иницијатива да ја обелодени во касарната „Адем Јашари“, на манифестацијата „Епопеја на ОВК“.
Од Владата се истакнува дека врз основа на резолуцијата на Собранието на Косово, усвоена на 14. февруари, премиерот побарал од Министерството на БСК да подготви Стратегија за трансформација на БСК во Вооружени сили на Косово, поточно војска, било по пат на уставни промени или со измена на Законот за БСК, и дека стратегијата треба да се подготви по јасна дебата со сите страни, граѓани, граѓанското општество, заедниците и нивните претставници, за да се надмине условувањето и блокадата, како и трансформациите преку уставните промени.
Да потсетиме, претседателот Хашим Тачи синоќа изјави дека нема да се откаже од својата иницијатива со измена на Законот за безбедносните сили на Косово, силите да добијат мандант на војска. Тој изјави дека е уверен оти процесот на трансформација на БСК во војска, и покрај изразената загриженост на меѓународните партнери, ќе биде успешно завршен со поддршката на НАТО и на САД.
Тачи изјави дека е уверен оти целиот политички спектар на Косово, како и граѓанското општество ќе бидат единствени во ставот дека овој процес треба да се заврши и дека не се сомнева оти предложениот Нацрт-закон за БСК ќе добие позитивно мислење од Владата на Косово предвводена од премиерот Иса Мустафа.