Владата прогласи 7-дневна жалост во Македонија по повод трагичниот настан во Кочани
- Владата го задолжи Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор во угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор) на територијата на Република Северна Македонија

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија ја започна денешната седница со едноминутно молчење, оддавајќи им почит на трагично загинатите лица во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесува Анадолу.
На денешната вонредна владина седница по трагичниот настан во Општина Кочани, каде што во несреќен случај при пожар во дискотека животот го загубија 59 млади лица, а повеќе од 155 се повредени, при што стотина се хоспитализирани и им се укажува лекарска помош, Владата донесе одлука за прогласување 7-дневна жалост на територијата на целата држава. Владата упати предупредување секој да се придржува до одлуката бидејќи казните за нејзино непочитување ќе бидат ригорозни.
Министерството за надворешни работи планира да отвори книга на жалост во Министерството за трагичниот настан во Кочани.
На владината седница донесена е одлука со која Државниот пазарен инспекторат се задолжува во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор во угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор) на територијата на Република Северна Македонија и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, за утврдување на фактичката состојба дали тие ги исполнуваат условите за работа според стандардите во согласност со законите и прописите на државата.
Владата на вонредната седница донесе и заклучок за активирање на механизмот за барање меѓународна помош.
Наедно, Владата ја информира јавноста дека во соработка со Министерството за внатрешни работи и другите институции надлежни за целосно расчистување на случајот се прибираат материјални докази и дека секој што е инволвиран во овој трагичен настан и свесно придонел за загрозување на човечките животи ќе биде изнесен пред органите на правдата и соодветно ќе одговара.
Во владиното соопштение се истакнува дека никој не е над законот.
Владата изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите, истакнувајќи дека за овој трагичен настан не постои збор што може да ја ублажи болката за ненадоместливата загуба.
Покрај тоа, Владата информира дека целиот здравствен и медицински тим во сите здравствени установи е на располагање и дава здравствена нега и помош за брзо закрепнување на повредените во несреќата.
Владата апелира во овие исклучително тешки и тажни моменти за целата држава настанот да не се политизира за да можат институциите навреме и соодветно да го расветлат случајот, потенцирајќи дека ниедна информација нема да биде скриена од очите на јавноста.
- Србија 18 март го прогласи за ден на жалост во Србија за трагедијата во Северна Македонија
Министерот за труд, вработување, боречки и социјални работи Немања Старовиќ изјави дека Владата на Србија ќе го прогласи вторник, 18 март за ден на жалост поради пожарот во дискотека во Кочани, Северна Македонија.
Тој изјави дека на иницијатива на српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде прогласен ден на жалост.
„Српската влада утре ќе прогласи 18 март, вторник, за ден на жалост на целата територија на Република Србија. Тоа е најмалку што можеме да направиме во овој момент“, изјави Старовиќ.
- Црна Гора понеделник го прогласи за ден на жалост поради трагедијата во Северна Македонија
Понеделник, 17 март, Црна Гора го прогласи за Ден на жалост поради трагедијата во Северна Македонија во која загинаа 59 лица, а 155 се повредени.
„Со голема тага ја примивме веста за трагичниот настан во Кочани, Северна Македонија. Владата на Црна Гора е подготвена да застане покрај пријателскиот народ на Северна Македонија на сите потребни начини во ова тешко време“, напиша црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на платформата Х и додаде:
„Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Нашите мисли и молитви се со Северна Македонија“.