Fatjon Cuka
21 Август 2022•Ажурирај: 23 Август 2022
Инцидент се случи во воен објект во Албанија, каде според албанските власти, тројца руски и украински државјани се обиделе да влезат во објектот, а употребиле и неопарализирачки спреј, при што се повредени двајца албански војници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Министерството за одбрана на Албанија, инцидентот се случил вчера во воениот објект во градот Грамш, кој се наоѓа во округот Елбасан.
„Службениците кои го обезбедувале погонот веднаш реагирале, но во текот на напорите да се спречат 3-те странски државјани, повредени се двајца наши војници, кои се под грижа на лекари“, се вели во соопштението.
Меѓу другото, Министерството за здравство и социјална заштита на земјата соопшти дека двајцата војници повредени во случајот се во стабилна состојба и се наоѓаат во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, странските државјани се приведени од страна на властите, и дека продолжуваат работите за расветлување на случајот.
По настанатиот случај, преку социјалните мрежи реагираше и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Горди сме со војниците кои ги неутрализираа трите лица осомничени за шпионажа. Посакувам брзо закрепнување на повредените и сега да го чекаме целосното разоткривање на случајот“, напиша тој.