Bojan Bednar
07 Април 2022•Ажурирај: 08 Април 2022
БЕЛГРАД - На Саемот во Белград денеска беше отворен 42. Меѓународен саем за наутика, лов и риболов под слоганот „Заплови, фрли, фати“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Отворајќи го Саемот, министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Томислав Момировиќ, рече дека Србија ќе инвестира половина милијарда евра во воден транспорт, кој вклучува пристанишна инфраструктура и овозможување на реките да бидат пловни 365 дена во годината.
Момировиќ истакна дека Србија не ги користи доволно потенцијалите на Сава, Дунав и Тиса, богатството на тврдини на Дунав, Ѓердапската Клисура и локалитетот Лепенски Вир.
„Со цел максимално искористување на овие потенцијали, српската Влада презеде бројни мерки за изградба на инфраструктура за патнички крузери. До почетокот на пандемијата имавме експоненцијален раст на бројот на странски туристи кои ја посетуваа Србија. Ме радува најавата дека годинава ќе имаме силно закрепнување и дека ќе се види важноста на инвестициите кога се во прашање пристаништата“, изјави Момировиќ.

На Саемот, кој ќе трае до 11 април, ќе бидат претставени актуелните трендови и достигнувања на регионалната наутичка економија и ловно-риболовните дејности, од индустриски и економски до спортски, рекреативни или туристички.
На Саемот е претставена и репрезентативна понуда на глисери, јахти, едрилици, чамци, скутери, бродски и надворешни бродски мотори, опрема за спортови на вода и други елементи на наутички туризам од повеќе од 100 директни и индиректни изложувачи.
На Саемот се изложени најпопуларните наутички брендови, меѓу кои и екстравагантни и скапи модели на пловни објекти вредни неколку стотици илјади евра, кои по правило со својот изглед и цена привлекуваат најголемо внимание на посетителите.
На посетителите им се достапни и поевтини чамци - рибарски чамци, гумени чамци и гуми за возење, а посебен сектор е одвоен за скутери, за кои интересот од година во година расте.
На ловечко-риболовниот сегмент на Саемот ќе бидат претставени ловечко оружје, муниција и облека, риболовни стапови и сите останати риболовни додатоци, а се очекува да изложат голем број занаетчии, чии производи станаа познати и барани околу светот, каде и да се врши риболов.
Саемот се одржува во халите 1 и 4 на Белградскиот саем, а работното време е од 10 до 19 часот, освен последниот ден кога работното време е од 10 до 16 часот.