Zülfiya Yakup
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, по денешниот состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел, одржан со посредство на високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека состанокот бил коректен и оти е разговарано за понатамошните чекори за отпочнување на новата фаза на дијалог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и за помирување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тачи по состанокот изјави дека граѓаните и на Косово и на Србија имаат потреба за конечен договор, кој би ја отворил перспективата меѓу земјите.
Според неговите зборови, Косово и Србија се две независни земји и постои потреба за комуникација како меѓу соседи. Тој повтори дека новата фаза од дијалогот треба да започне колку што е можно побрзо.
„Ние имаме полна доверба во раководечката улога на г-ца Могерини, дека треба да бидат стабилна заедница на ЕУ и силна поддршка на САД“, додаде тој.
Зборувајќи за содржината на идните состаноци, Тачи изјави дека ќе се разговара за теми кои се и понатаму отворени, кои се потребни за конечно завршување на едновековното непријателство.
„Денес меѓу Косово и Србија имаме понормална комуникација од претходно. Конечниот договор ќе биде од помош и на едните и на другите, но договорот меѓу Косово и Србија подразбира договор за мир и стабилност за целиот регион на Западен Балкан“, изјави Тачи.
Косовоскиот претседател од Брисел повика новите институции на Косово што побрзо да се формираат по предвремените парламентарни избори на 11 јуни.
Претходно, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во изјава за новинарите, по завршувањето на разговорите наведе дека од одредените прашања, кои веќе беа дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина, потврден е договорот за правосудството, објавено е на официјалната страница на Владата на Србија.
Исто така, како што додаде, најавено е отворањето на мостот на Ибар во Косовска Митровица до крајот на годината и констатирано е дека по прашањето на формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО) Приштина не постигнала никаков напредок.
Тој истакна дека решението на историските односи меѓу Србите и Албанците би било многу значајно за Белград и Приштина, додавајќи дека овие разговори ќе продолжат, иако никој не е преголем оптимист.
Сепак, гледаме мала шанса за решавање на историското прашање меѓу Србите и Албанците и мораме да ја искористиме. Вреди да се проба заради иднината, рече српскиот претседател.
Вучиќ истакна дека се разгледани и севкупните регионални прашања, како и дека во текот на средбата го отворил прашањето за апсењето на Богдан Митровиќ во близина на Сува Река.
Тоа апсење е кулминација на лицемерието, порача тој и додаде дека тоа не смеело да се случи.
Српскиот претседател изрази надеж дека случајот со апсењето на Богдан Митровиќ ќе биде брзо решен, и порача дека Србија ќе го следи тој случај.