Admir Fazlagic
17 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Здружението на агроекономистите на Република Македонија и Истражувачкиот центар за јавни политики од Белград, Србија, за првпат се залагаат да се воспостави Мрежа на истражувачи од областа на руралниот развој. Првиот собир на Мрежата на истражувачи во областа на руралниот развој од регионот на Југоисточна Европа се организира во рамките на дводневниот форум за рурален развој, кој се одржува во Скопје, во него учествуваат претставници од земјите на Југоисточна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на Мрежата е да се зголеми соработката меѓу истражувачите од регионот на Југоисточна Европа, размена на искуства, знаења и најнови истражувачки пристапи коишто ќе придонесат кон донесувањето препораки и во креирањето јавни политики што се темелат врз соодветни методолошки и емпириски истражувања и нивни резултати.
„Здружението на агроекономисти на Република Македонија, заедно со нашите колеги од Србија, за првпат организираме настан со цел да се воспостави мрежа на истражувачите од областа на рурален развој во Југоисточна Европа. Имаме гости од девет земји од регионот“, изјави Ана Котевска од Факултетот за земјоделски науки во Скопје, додавајќи дека освен од земјите во блиското окружување, учествуваат и претставици од Романија, Германија, Шведска и од Италија.
Наталија Богданов, професор на Земјоделскиот факултет во Белград, која е еден од учесниците на форумот за рурален развој во регионот, рече дека овој настан има за цел да ја покаже посветеноста и интересот на научниците од областа на земјоделството, како и другите важни области за рурален развој во регионот.
„Првпат истражувачите и научниците имат можност од свој агол да го осветлат проблемот на руралните подрачја, нивните проблеми и научните предизвици. Веруваме дека ова е потребен чекор кој води кон поголеми успеси и ќе резултира со солиден научен придонес“, изјави Богданов, додавајќи дека резултатот што се очекува од форумот е да дојде до договор за заеднички настапи на меѓународните проекти како регионален конзорциум, за активностите кои се однесуваат на руралниот развој, поради потребата да се укаже на значењето на оваа тема за земјите во регионот.
- Миграција село-град: Не е реално да се зборува за враќање од град на село
Осврнувајќи се на состојбите на миграциите од село, в град, кој бележи нагорен тренд во земјите во регионот, Богданов смета дека во денешните околности не е реално да се зборува за враќање од град на село, но сепак треба да се преземат одредени мерки кои би ги сочувале и би ги развиле руралните средини. „Миграциите од село во град се последица на развојот, со тоа се соочуваат и најразвиените земји од светот.
Она што може да се очекува и што е модерен пристап, е да се обезбеди зачувување на ресурсите, да не дојде до деградација на земјиштето, уништување на квалитетот на земјиштето.
Приказната за враќање од град на село не е приказна што има основа, но се надеваме дека како регион ќе дојдеме во фаза да ги задржуваме тие луѓе таму и да ги забавуваме тие процеси.
Тоа би бил голем успех“, смета таа. Инаку, формирањето на Мрежата на истражувачи од областа на руралниот развој е мрежа поддржана од страна на Регионалната програма за поддршка на истражувањата во Западен Балкан управувана од Универзитетот Фрибург, со мандат даден од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).