СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека Србија нема да ја признае независноста на Косово, но дека мора да се постигне договор со Албанците за да има Срби на Косово, јавува Anadolu Agency (АА).
Денес, на вториот ден од посетата на Косово, Вучиќ со долг аплауз беше пречекан од неколку илјади граѓани на Плоштадот „Шумадија“ во Северна Митровица, а тој им кажа дека не може да ги лаже и да ја крие вистината, како и тоа дека не може да се живее од митови и во илузии. Тој истакна дека Србите, и кога губат и кога се поразени, не умеат тоа да го прифатат, и дека мора да се признае дека Србите ја изгубиле војната и дека поради тоа се плаќа највисока цена.
Тој истакна дека Србите, по говорот на Слободан Милошевиќ на Газиместан пред триесетина години, имале три војни и по своја и по туѓа вина, и дека Србите, кои гинеле за Книн, за Сараево и за Приштина, таму речиси веќе и да ги нема. „Ние ги потценувавме другите и не ја сфативме нашата позиција“, рече тој, оценувајќи дека Милошевиќ бил голем лидер чии намери биле добри, но резултатите биле лоши.
Нагласи дека е реалност тоа што во Приштина на власт веќе не се Србите, дека таму е Хашим Тачи, кого тој не го сака. Вучиќ истакна дека е илузија дека Косово може да биде без Албанците, но и без Србите.
„Нè нема, пријатели, нè нема во цела Србија, нè нема во Косово, нe се раѓаме, но умираме премногу. Останавте вие овде, најсилни и најхрабри, а овде бевме трипати повеќе пред 30 години. Затоа јас не ветувам оружје и муниција, но и дека нема да дозволиме некој да користи оружје и муниција против вас. Вас ве сакаме живи, сакаме српски деца, градинки и училишта; да имате работа, да имате сè што ви треба да останете овде на земја, а не горе на небо“, им порача претседателот на Србија на косовските Срби.

Вучиќ ги праша сите оние кои го обвинуваат дека сака да ги промени границите, каде се денес границите.
„Албанците се многу побројни и посилни, имаат свои граници..., a јас сакам да ви овозможам права, вашето право на живот, на слобода, безбедност, и ако поради тие права мора да правиме компромиси, секогаш ќе го правам тоа“, рече Вучиќ.
Тој, исто така рече дека е лага тоа дека до Нова година Србија мора да ја признае независноста на Косово и дека тоа никој нема да го стори, туку дека само се работи на обезбедување што поголеми права за косовските Срби. Нагласи и дека Србите на Косово немаат шанса без договор со Албанците, и дека во Брисел нема никакво нацрт-решение, и дека решението не е дури ни блиску.
„Мојата идеја за утре е да го сочуваме нашиот народ, нашата земја, нашите институции, да го сочуваме мирот, да воспоставиме мостови на мирот и кога е невозможно. Сакам да верувам дека по војните можеме да живееме во мир. Сакаме да бидеме дел од Европа, а Албанците сакаат визна либерализација, нема пречки ниту за нас, ниту за нив. Ќе разговараме до изнемоштеност, некој некогаш во иднина мора да постигне договор со Албанците“, нагласи Вучиќ.
Тој порача дека решението не е на видик, но дека се моли на Бога да биде на видик во наредните 10, 20 години, или во спротивно, рече, нема да има Срби на Косово.
Тој повтори дека во Косово дошол и со инвестициски план за 10-те општини во кои живеат Срби, и за секое место каде што живеат, за да им се овозможи работа и достоинствен живот.

На крајот порача дека сака Србија за првпат да победи без крв и гробови, и дека сака да остане запаметен по освојувањето на иднината, а не по пукањето.
Вучиќ претходно утрово се обиде да стигне до селото Бање во општина Скендерај, но косовската полиција не дозволи да помине поради повлекувањето на дозволата за посета на ова село од страна на Владата на Косово.
Бидејќи не успеа да помине, Вучиќ, на жителите на селото Бање кои се собраа да го дочекаат, се обрати телефонски од селото Тернавце каде што беше запрен од страна на полицијата, и изрази жалење што не може да стигне до нив.
До откажувањето на дозволата за посета на селото Бање дојде откако ветераните на Ослободителната војска на Косово и жителите на Скендерај (Србица) го блокираа со камиони и дрва патот Митровица - Скендерај за да го спречат претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да ги посети Србите од селото Бање во таа општина. На патот беа запалени и гуми.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, на својот профил на Фејсбук напиша дека безбедноста на граѓаните е над сѐ и дека ја повлекол дозволата која Министерството за надворешни работи на Косово ја издаде за претседателот на Србија за посетата на зоната Дренице. „Одлуката стапува на сила веднаш“, наведе Харадинај.