Husamedin Gina
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
СКОПЈЕ
Граѓаните на Република Северна Македонија, без разлика на нивната етничка и верска припадност, се обединети во ставот дека нападите на Израел врз Палестинците треба да престанат, како и дека е нечовечки да се убиваат деца, а за настанатите тензии, според нив, виновни се политичарите.
Граѓаните кои учествуваа во анкетата на Агенција Анадолија (АА) одговараа на прашањето дали се запознаени за последните настани во однос на нападите на Израел врз Палестинците и за загубата на животите на цивилите, особено на голем број деца.
„Судирите треба да прекинат, тоа во нормалните цивилизации не е дозволено. Војните не носат ништо добро“, рече средовечен граѓанин на Скопје, кој сакаше да остане анонимен.
Во однос на загинувањето на децата, тој рече дека „тоа е за најстрога осуда“.
Пензионерот Милан Аврамовски за нападите на Израел врз Палестинците рече дека ги следел преку вестите на телевизија и подвлече дека тоа е нешто што не е замисливо во 21 век.
За нападите на Израел врз Палестинците, скопјанката Мира Костиќ рече дека конфликтот, за жал, е последица на историските грешки и пропусти на големите сили.
Таа изјави дека конфликтот не може да се реши без силно меѓународно посредништво, потенцирајќи:
„Деца, за жал, умираат во сите конфликти што ги прават возрасните, без оглед на која страна се. И најлошо од сѐ е што ова се претвора во верски судир, што не е добро. Бидејќи, ако судирите почнат да се претвораат во верски судири, ќе се вратиме во времето на крстоносните војни“, нагласи Костиќ.
Скопјанецот Бејадин Акија, кој учествуваше во анкетата на АА, во врска со нападите на Израел врз Палестинците, го осуди убивањето на децата.
„Треба од целиот свет да има некое внимание. Да се преземат мерки и да се види каде е причината“, нагласи Акија.
Скопјанецот Алко во анкетата изјави дека не е добро Израел да ја зема земјата на Палестинците во која тие живеат, додавајќи дека ситуацијата не е добра. Според него, во решавање на проблемот треба да помагаат Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД).
„Секако, треба да учествуваат и арапските земји бидејќи се поблиску, како што е Дубаи [главен град на Обединетите Арапски Емирати], тие се богата земја, и да помагаат за децата и семејствата кои се бомбардирани таму, а не да спијат. Треба да помагаат“, додаде Алко.
Потсетуваме, на 14 мај, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија на својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер го сподели статусот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во кој пишува: „Многу сум загрижена за ситуацијата во Израел и Газа. Ги осудувам неселективните напади на Хамас врз Израел. Цивилите од сите страни мора да бидат заштитени. Насилството мора да заврши сега.“
Израел од 10 мај од воздух и копно изведува напади на Појасот Газа. И покрај реакциите од светот, Израел продолжи со жестоки напади на Газа во која живеат околу 2 милиони жители.
Бројот на мртвите во израелските напади на Појасот Газа зголемен е на 221, вклучувајќи 63 деца и 36 жени, а бројот на ранетите достигна 1.500.