Bekim Laci
27 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димтиров, денеска се состана со министерката за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, јавува Anadolu Agency (AA).
По одржаната средба во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, министрите Димитров и Кнајсл одржаа заедничка прес конференција на која информираа за разговорите од средбата и ги искажаа своите очекувања за соработката и односите на Македонија и Австрија.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров нагласи дека Австрија е земја која е многу ангажирана и има голем интерес Балканот да оди напред, и е традиционален поддржувач на европските перспективи на регионот.
Toj истакна дека претстојната средба со министерот Коѕијас и медијаторот во процесот за надминување на разликите околу името Метју Нииц, е можеби надеж дека духот и традицијата на Виена ќе помогне во решавањето на проблемот околу името и да има нешто конкретно и видливо во насока на надминување.
„Мислам дека овој проблем се разбира е најважен за нас и за другата страна меѓутоа има важни регионални импликации, па би рекол и влијае врз политиката на ЕУ кон Балканот", рече Димитров.
Министерот Димитров се осврна и за претседавањето на Австрија со ЕУ, кое ќе започне од први јуни годинава, при што ги искажа своите очекувања.
„За претседавањето на Австрија, би сакале по донесувањето на политичка одлука во јуни од земјите членки дека Македонија ќе почне пристапни преговори и правиме се Грција да биде дел од тој консенсуз. Се надеваме дека во рамките на 6-те месеци на претседавањето на Австрија и ќе ги започнеме тие преговори. Тоа ќе биде многу убав симбол и круна на поддршката којашто Австија ни ја дава", истакна Димитров.
Австриската министерка за надворешни работи, Кнајсл, нагласи дека процесот на проширување ќе биде тема на дискусии и на неформалната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, која ќе се одржи во август оваа година. Според неа, на Австрија, но и на ЕУ им е јасна важноста на овој регион врз стабилноста на ЕУ како една целина.
Високите претставници на Македонија и Австрија разговараа за очекувањата на Македонија од претседавањето на Австрија со Советот на ЕУ, но и за помошта што може да ја нуди оваа земја за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Австриската Министерка рече дека ја радува фактот што нејзината земја е во ситуација да им помогне на двете земји да ги надминат меѓусебните спорови.
„Среќни сме поради можноста што ни е дадена да бидеме земја за дијалог што е една форма на дипломатија. Ние не сме посредници, туку земја домаќин на преговорите и ќе направиме се за да обезбедиме услови за одржување на дискретни преговори“, истакна Кнајсл.
Според најавеното, Кнајсл ќе се сретне и со вицепремиерот задолжен за европски прашања на Македонија, Бујар Османи, и со премиерот Зоран Заев, по што е предвиден еден работен ручек со министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров.