Abdula Berisha
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Агенцијата за халал-стандард при Исламската верска заедница (ИВЗ) на Република Северна Македонија, заедно со Министерството за економија, доделија халал-сертификати на 14 компании од различни економски сектори, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на доделувањето на сертификатите присуствуваше делегација од Министерството за економија, предводена од министерот Крешник Бектеши, делегација од ИВЗ предводена од поглаварот Сулејман Реџепи, како и претставници од компаниите на кои им се доделија халал-сертификати.
Бектеши во својот говор рече дека Министерството за економија предвидува мерки за кофинансирање на трошоците за спроведување на халал-стандардот, ветувајќи дека ќе продолжат во овој правец да ги поддржуваат компаниите од различни економски сектори.
„Сите податоци покажуваат дека токму овој пазар се предвидува да биде толку голем пазар што ќе надминува над 800 милијарди евра на глобално ниво и над 65 милијарди евра на европско ниво. Министерството за економија, како и претходните години, ќе продолжи тесно да соработува со Агенцијата за спроведување на халал-стандардот и да им помага на сите компании“, рече Бектеши.
Директорот на Агенцијата за халал-стандард, Мухамер Весели, рече дека стандардот „халал“ подразбира дополнителна безбедност во прехранбената индустрија, кој предвидува прехранбените производи да не содржат канцерогени или штетни состојки за здравјето на луѓето, коишто, како што истакна, се забранети и според исламските начела.
Овој пат сертификатот „халал“ за првпат во Северна Македонија беше доделен на еден хотел, па Весели апелираше за имплементација на халал-стандардот во туризмот за привлекување посетители и од исламските земји.
„Со оглед на природните и климатските услови што ги има нашата земја за летен и зимски туризам, ја искористуваме оваа можност уште еднаш да апелираме до сите туристички агенции од земјата да обрнат внимание на ова поле на кое на светско ниво му се обрнува посебно внимание“, рече Весели.
По говорите, халал-сертификатите за 14 компании ги поделија министерот за економија, Крешник Бектеши и поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.