СКОПЈЕ (АА) – ЏИХАД АЛИУ -
Косово ја одбележува 11. годишнина од својата независност, по едностраното прогласување на независност од Србија на 17 февруари 2008 година.
И покрај тоа што Косово како „најмлада земја во Европа“ зад себе ги остави војната и вооружените конфликти што се случија на крајот на 1990-тите години, сѐ уште се соочува со различни проблеми во дооформувањето на државата.
Косово се соочува со бариери при зачленувањето во меѓународните институции, особено во Обединетите нации. Косово, исто така, одвреме-навреме доживува напнати моменти со соседот Србија, која тврди дека има право на територии во Косово.
- Процесот на независноста на Косово -
За време на поранешна Југославија, која се распадна во 1990 година, Косово беше регион во рамките на Федералната Република Србија. Во 1974 година Уставот на Југославија ја одобри косовската автономија, но во 1989 година тој регион беше вратен од српскиот националистички претседател Слободан Милошевиќ.
По распадот на Југославија во 1991 година, крвавата војна која започна во Хрватска, а потоа и во Босна и Херцеговина, се прошири и на Косово. Во 1998 година започнаа судири меѓу српската полиција и Ослободителната војска на Косово (ОВК). Во овој период војската на Милошевиќ изврши рација во селата во кои живеат Албанци, убивајќи цивили. Во 1999 година во конфликтот интервенираше НАТО. По 78-дневната операција, Србите беа принудени да се повлечат од Косово.
За време на војната во Косово загинаа над 10.000 илјади Косовци, повеќе од 8.000 беа Албанци, а речиси 1 милион Косовци од различни етнички групи ги напуштија своите домови.
Тензиите меѓу Србија и Косово, продолжија во одредени интервали и по војната.
Првата голема криза се случи во 2004 година. Во настаните наречени „Мартовски немири“, загинаа 19 лица, меѓу кои 11 Албанци и 8 Срби.
Во 2005 година, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, го назначи Марти Ахтисари за специјален пратеник за Косово. Во 2007 година, Ахтисари го извести Советот за безбедност на ОН дека Косово треба да биде независно. Србија го отфрли и предложи „надгледувана автономија“. Косовското Собрание прогласи еднострана независност на 17 февруари 2008 година, во согласност со планот на Ахтисари и Резолуцијата 1244 на ОН.
Многу европски земји, на чело со Турција, веднаш ја признаа независноста на Косово. Иако денес Косово е признато од 116 земји како независна држава, Србија сѐ уште не го признава. Косово сѐ уште не е прифатено да стане членка на ОН.
Од друга страна, поради Русија која е најголемиот поддржувач на Србија на меѓународната сцена, Косово сѐ уште не може да стане членка на ОН.
- 2018 година помина во тензична атмосфера -
Во 2011 година започна дијалогот со посредство на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Но процесот е прекинат, особено поради тензиите и настаните што се случија во последните три години.
Убиството на Оливер Ивановиќ (64), претседателот на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија и правда“ (СДП), при вооружен напад на 16 јануари пред неговата канцеларија во Северна Митровица, Косово, остави печат во 2018 година.
Во тоа време состанокот меѓу Косово и Србија, планиран да се одржи во Брисел, беше откажан поради повлекувањето на српската страна.
Друго прашање од голема важност за Косово беше и стапувањето на сила на Договорот за демаркација на границата со Црна Гора, потпишан на 26 август 2015 година. Претставниците на ЕУ изјавија дека визната либерализација ќе биде можна со стапувањето на сила на овој договор.
За Договорот се дискутираше на собраниската седница одржана на 21 март. Пратениците на опозициската партија, движењето Самоопределување, за време на седницата двапати фрлаа солзавец и димни бомби. Потоа Договорот со 80 гласа „за“ помина во Парламентот.
Меѓу Косово и Србија имаше уште еден инцидент што предизвика тензии. И покрај тоа што не доби дозвола од властите на Косово за влез во земјата, директорот на Канцеларијата на српската Влада за Косово, Марко Ѓуриќ, за да присуствува на српскиот собир на 26 март, отиде во Северна Митровица. Беше притворен и однесен во полициска станица во Приштина. Подоцна беше депортиран од земјата.
На почетокот на септември, во рамките на процесот на дијалогот што се одржува во Брисел, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Косово, Хашим Тачи, одделно требаше да се состанат со Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, а потоа беше предвидено да имаат тројна средба. Но српскиот лидер, истакнувајќи дека се многу далеку до договор, рече дека нема потреба од тројна средба, поточно дека нема потреба од среќавање со Хашим Тачи.
По враќањето од Брисел, српскиот лидер Вучиќ требаше да го посети Косово на 8-9 септември. Вучиќ за дводневната посета, која до последен ден беше неизвесна, истакна дека ќе ја започне од браната Газивода, која претставува голем хидроенергетски потенцијал и понекогаш предизвикува напнатост меѓу двете земји. И покрај таа негова изјава, косовските власти не ја дозволија посетата. Пред да започне новата криза меѓу двете земји, Беџет Пацоли, министерот за надворешни работи на Косово, изјави дека поради големиот притисок од ЕУ, ќе му одобрат на Вучиќ да ја посети браната Газивода, бидејќи немаат друг избор.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, исто така го посети езерото Газивода, кое е од стратешко значење за Косово и Србија. Оваа посета беше коментирана како одмазда за посетата на неговиот колега Вучиќ.
Пречки од Србија за членството на Косово во Интерпол -
Косово, на 20 ноември минатата година, на 87. Генерално собрание на Интерпол одржано во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, не беше примено како членка во Меѓународната организација за криминалистичка полиција (ИНТЕРПОЛ). Тоа даде друга димензија на кризата што постои меѓу двете земји.
По гласањето, во писмената изјава од косовската Влада беше изразено разочарувањето од тоа што се гласаше против зачленувањето на Косово во Интерпол.
„Со дивата кампања на Србија, уште еднаш сме сведоци дека е против Косово и нормализација на односите со Косово, бидејќи ова членство беше од технички, а не од политички карактер“, пишува во писмената изјава на косовската Влада.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, поздравувајќи го неприфаќањето на членството на Косово во Интерпол, рече: „Ова е успех на една мала земја со рационален пристап, наместо тврдоглавост и предизвикувања.“
- Царинска криза -
Во време кога тензиите меѓу двете земји беа сѐ уште свежи, веднаш следниот ден, со препорака на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, беше донесена одлука да се воведе 100 отсто царина за увезените производи од Србија и Босна и Херцеговина.
По состанокот на Владата, косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека го анализирале Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), и дека сфатил дека Србија не го почитувала многу години.
Харадинај, исто така истакна дека одлуката на косовските институции за воведување такси не е „произволна“, туку е поради „потреба“, и дека таа е преземена за да ги брани интересите на граѓаните на Косово.
Харадинај, нагласувајќи дека Србија не покажува разбирање за нормализација, истакна: „Мислам дека дијалогот е неизбежен. Не можеме да избегаме од дијалог, треба да има дијалог, но исто така, неизбежно е да ги заштитиме нашите интереси.“
Во една друга изјава рече дека таксите не треба да бидат намалени, сѐ додека Србија не го признае Косово.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се состана со српски официјални претставници на Косово во Белград, на прес-конференција реагираше на воведувањето на таксите од страна на косовската Влада.
Вучиќ, алудирајќи на изјавата на косовскиот премиер Харадинај дека „Таксите не треба да бидат намалени, сѐ додека Србија не го признае Косово“, нагласи: „Зад оваа изјава стојат други големи сили. Тој не може да има таква храброст. Веројатно прочита од лист, кој му беше доставен пред него. Но од никого не беше сфатен сериозно. Треба да се подготвиме на долга и исцрпувачка борба, бидејќи нема да ја признаеме независноста на Косово.“
По потегот со воведувањето на такси, и високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, го повика Косово да ја повлече оваа одлука што е можно поскоро: „Тоа е против ЦЕФТА и Спогодбата за партнерство и стабилност на ЕУ“, рече таа.
Косово не се осврна на повиците од ЕУ и САД за повлекување на таксите, кои Косово сѐ уште ги применува за производите од соседната земја.
- Формирање на косовска армија -
Предлог-законите за трансформација на Косовските безбедносни сили (КБС) во армија беа усвоени од страна на косовското Собрание на 14 декември во 2018 година.
На седницата одржана во Собранието, пратениците гласаа за три нацрт-закони кои го регулираат работењето на КБС, условите за услуги и за постоечкото Министерство на КБС да биде трансформирано во Министерство за одбрана.
И покрај тоа што Србија реагираше на одлуката, ЕУ и САД истакнаа дека трансформацијата на Косовските безбедносни сили (КБС) во косовска армија треба да биде постепена.
- Посетата на Путин на Србија -
Косовското прашање останува на дневен ред и во новата година.
Рускиот претседател Владимир Путин, на 17 јануари, за време на неговата официјална посета на Белград, главниот град на Србија, се состана со претседателот Александар Вучиќ.
По средбата, говорејќи на заедничката прес-конференција, рускиот претседател Владимир Путин, во однос на формирањето на сопствена војска на Косово и царините од 100 отсто за производите од Србија и Босна и Херцеговина, рече: „Неодговорните чекори на Косово може да резултираат со дестабилизација на Балканот.“
Рускиот лидер, осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, рече дека посакуваат Белград и Приштина да изнајдат идеално решение. Тој, исто така рече дека Европската Унија (ЕУ) во процесот на дијалогот, не ја исполнила соодветно улогата на посредник.
Можноста за конечно решение меѓу Србија и Косово во 2019 година се оценува како слаба, но, како куриозитет е прашањето што ќе донесе новата година која започна мирно, во споредба со изминатите години.
Во Косово, чиј главен град е Приштина, живеат приближно 1 милион и 780 илјади жители. Мнозинството од населението се Албанци, но во земјата живеат и Турци, Бошњаци, Срби, Горанци, Романци, Ашкали и Египќани. Турците, главно живеат во Мамуша и Призрен, и го сочинуваат 1,1 отсто од населението.
news_share_descriptionsubscription_contact
