Husameddin Gina
13 Ноември 2018•Ажурирај: 13 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Прво не знаеме дали Никола Груевски е во бегство или не, треба да го утврдиме тоа, да го констатираме, рече премиерот на Македонија Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по денешната втора Буџетска конференција, одржана во Стопанската комора, јавува Anadolu Agency (AA).
Заев, исто така истакна дека не може да лоцира одговорност бидејќи сите институции постапувале онака како што се постапувало досега и како што се постапувало спрема секој граѓанин.
„Судот, обично кога се паѓа во петок да достави упатен акт за служење на казна затвор, остава да помине викендот и тоа за сите граѓани го правел во понеделник. И Судот го направи тоа во понеделник“, рече Заев.
Премиерот Заев нагласи дека целиот овој процес ќе помине во рамките на нормалата.
„Притоа, јас верувам дека на сите им е јасно, вклучително и на Заев и на Груевски, или на кој било во државата, сѐ е глобално село. Така што, треба да бидеме исправени пред одговорноста и верувам дека имаме причини да се надеваме дека сево ова ќе биде процес во рамките на нормалата, во рамките на човековите права и во рамките на одговорностите кои секој граѓанин ги има пред институциите на системот“, додаде премиерот Заев.
Во меѓувреме, поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша статус во кој вели дека се наоѓа во Будимпешта каде што побарал политички азил од унгарските власти.
Груевски напиша дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот.
„Јас сум во Будимпешта сега, побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата за Македонија. Никогаш нема да отстапам“, додаде тој.
Полицијата во Скопје вчера почна потрага по експремиерот Никола Груевски откако тој не се јави на издржување на двегодишната затворска казна по добивање известување од Основниот суд Скопје 1 дека судски доставувач не може да го пронајде да му врачи решение веднаш да се упати во затвор. Потерницата следува откако на 9 ноември, петок, се чекаше експремиерот да се јави на издржување на затворската казна.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра. Против него се водат уште четири кривични постапки пред судовите за различни дела.