Toni Avramov
21 Јули 2018•Ажурирај: 22 Јули 2018
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Во присуство на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, претставници од Турската амбасада во Република Македонија, на свечен начин започнаа активностите за изградба на браната „Конско“, во близина на Гевгелија, јавува Anadolu Agency (AA).
Градежните работи и активности ѝ се доверени на турската компанија „Адали Холдинг“, која веќе 50 години е активна во градежниот сектор.
Браната „Конско“ е проект кој веќе пет децении е желба на гевгеличани, а нејзиното реализирање веќе станува реалност. Со неа ќе се решат многу земјоделски, но и економски проблеми, а ќе се отворат можности и за равој на планинскиот туризам.
Целиот зафат чини 2,4 милјарди денари. Со симболично притискање на копчето и звукот на сирената за започнување на работните обврски, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, го означи почетокот на изведбените работи на браната.
„Изградбата на овој хидросистем претставува најголем инфраструктурен зафат во овој регион во изминативе педесет години, кој ќе се гради со обезбедени средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Програмата за рурален развој, и она што е најважно, оваа вештачка акумулација ќе има мултифункционална улога. Клучната агротехничка функција на агросистемот „Конско“ ќе биде обезбедување на чиста вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, со што ќе се создадат неопходните услови за развој на конкурентно земјоделство, зголемување на производството на храна и на регионалниот економски развој. Освен за наводнување, водите од акумулацијата „Конско“ и протечните води ќе се користат и за производство на електрична енергија“, истакна Заев пред присутните гости.
Претседателот на Управниот одбор на фирмата изведувач „Адали Холдинг“, Шефки Адали, изрази задоволство за започнувањето на изведбените работи, истакнувајќи дека Македонија и Турција се големи пријатели.
Меѓу другото, тој рече: „Среќни сме што ја имаме можноста да го реализираме проектот „Конско“, кој е од особено значење, уште повеќе и поради тоа што поголемиот дел од работната сила во насока на реализирање на проектот ќе биде ангажирана од локалните човечки ресурси.“
Своевремено, гевгелискиот регион беше познат по производството на радоградинарски производи, но стагнирањето во земјоделството е значително влошено и поради проблемите со наводнувањето.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во своето обраќање, исто така нагласи дека земјоделците веќе нема да го имаат проблемот со наводнувањето.
„Во моментот, од можните 12,326 хектари обработлива површина во овој регион, едвај се наводнуваат 2,632 хектари. Реалноста е дека има реално вода за околу 1,500 хектари“, истакна Николовски.
Изведувачот, фирмата „Адали Холдин“ е оптимист дека браната ќе се изгради во предвидениот рок.