Admir Fazlagic
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Во Собранието на Република Северна Македонија, новоизбраниот народен правобранител, Насер Зибери, даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери, и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, јавува Агенција Анадолија (АА).
По приемот во Собранието и свечената изјава, Зибери за медиумите изјави дека неговиот досегашен ангажман е доволна гаранција за успешно извршување на функцијата за која е избран, согласно законот и Уставот, и притоа потенцираше дека функцијата народен правобранител е важна за Уставот и граѓаните на државата.
„Јас уште кога одлучив да се кандидирам за оваа функција се разбира дека имав свои гледишта и визија за функцијата народен правобранител и таа визија ќе се обидам до крај да ја наметнам и реализирам, а тоа значи во прв план оваа функција мора да го добие соодветното место во системот, како што налагаат Уставот и законите. Тоа е прво. Второ, мора граѓаните да имаат доверба во институцијата, а доверба ќе имаат доколку институцијата возврати со соодветен ангажман и заштита на слободите и правата на граѓаните“, изјави Зибери.
Како што рече тој, во оваа определба ќе настојува да има непосредна комуникација со јавноста.
„Во оваа определба ќе ги искористам сите правни инструменти, но и инструменти кои значат непосредна комуникација со јавноста, упатувајќи порака до органите на управата и другите носители на јавни функции дека функцијата народен правобранител не е само декор во системот, туку и одбрана, бедем и заштита на слободата и правата на граѓаните“, истакна Зибери.
Потсетуваме, на 25 јануари оваа година Собранието на Република Северна Македонија го избра Насер Зибери за народен правобранител.
Зибери е правник, поранешен пратеник и министер, работел како нотар, а во јули минатата година беше кандидат за премиер на Северна Македонија од партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ), која го предложи за функцијата народен правобранител.