Husamedin Gina
10 Јуни 2021•Ажурирај: 11 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, истакна дека состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници, за разлика од претходната година, се влошува, јавува Агенција Анадолија (АА).
Здружението на новинарите на Македонија денеска на прес-конференција го претстави Годишниот извештај за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите за 2020 година, изготвен во рамките на проектот „Регионална платформа на Западен Балкан“.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, осврнувајќи се на Годишниот извештај за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите за 2020 година, рече дека нема сериозни промени во медиумската сфера, но има зголемување на трендот на напади врз новинарите.
„Во сите три главни индикатори на Извештајот како што се правната рамка за слобода на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера, но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од претходната година, туку напротив, таа се влошува“, нагласи Чадиковски.
Чадиковски, истакнувајќи дека Северна Македонија во 2020 година бележи раст во скалата на организацијата „Репортери без граница“, рече дека од вкупно 180 земји е рангирана на 92. место, што е за три места повисоко за разлика од 2019 година.
Во Извештајот исто така се нотира дека „реформата на Јавниот сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот дифузер остануваат отворено прашање поради буџетските проблеми."
Според статистиката на ЗНМ, како што посочи Чадиковски, од почетокот на 2020 година се забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки, додека минатата година вакви инциденти имаше само четири.
Во таа насока, како што пишува во Извештајот, дополнителни напори треба да вложи и Министерството за внатрешни работи (МВР) за санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) да покренува и кривични постапки.